Во слава на оддржувањето

Кога уметник работи во „Комунална хигиена“

Повеќето современи култури (меѓу кои за жал и нашата) повеќе го ценат Развојот, на сметка на Оддржувањето. Градиш нова инфраструктура, ги шириш градовите, а притоа не водиш грижа за постоечкото. Една уметница од Њујорк решила да го привлече вниманието кон оние кои се бават со оваа неблагодарна, оддржувачка работа.

Во доцните 70-ти Миерл Ладерман Укелес станала прв уметник со постојана „резиденција“ во њујоршкиот Комуналец. Не е платена за оваа позиција, но има големо студио во седиштето на агенцијата, на Менхетен.

Во моментов во музејот Квинс во Њујорк се одржува ретроспектива на нејзини дела, кои се резултат на со децени долгото партнерство помеѓу неа и чистачите на ѓубре и снег во големиот град. Во флаерот за изложбата, кураторите објаснуваат зошто оваа институција била совршеното место за уметноста на Укелес:

Нејзиниот опус произлегува од манифест на четири страници напишан во 1969. Во него таа идентификува две категории во кои западната култура ги има поделено сите активности: Развој (којшто е ценет) и Оддржување (коешто не е ценето). Наместо да го прифати ова, особено по раѓањето на нејзиното прво дете кога се нашла во ситуација постојано нешто да „оддржува“, таа го дефинирала овој процес како уметност и се нарекла себеси „Уметник на оддржувањето“

Недостатокот на почит кон грижата за постоечките системи (особено оние материјалните и инфраструктурни) во САД се покажува на секој чекор - иако постојано се градат патишта и се пуштаат во промет возови и авиони, во голем број случаи тие потоа се опасно запоставувани. И ова е така со години. Еден од раните перформанси на Укелес од крајот на седумдесетите се состоел од ракување со секој од 8500-те „комуналци“ од Големото јаболко со реченицата „Ти благодарам што го одржуваш Њујорк во живот“. Ги документирала нејзините активности на мапа, снимајќи ги разговорите со работниците, вклучително и нивните животни стории. На тој начин се обидела да ги промени негативните претстави за овој тип работа, која ако воопшто се забележува се смета за „ниска“ и „валкана“.

Во друга серија перформанси таа чистела скали, собирала лисја и рибала тротоари во јавност за да ги акцентира основните а постојано потценувани активности, особено на жената, кои овозможуваат секојдневно функционирање на животот во еден град и во едно семејство.

Нејзините дела се нарекувани феминистички, но тие имаат и една поширока порака - наспроти возбудата од авангардата и од индустрискиот развој, поставување на едно многу базично, навидум банално прашање - после револуцијата, кој ќе го собере ѓубрето во понеделник наутро? 

Поврзано: „Зен и уметноста на поправање мотори“