Koга терористички напад се случува на концерт

На денот на нападот во Париз се обидовме да видиме дали има некаква врска помеѓу името на бендот кој свиреше таа вечер во Батаклан, и мотивите на напаѓачите. Таква врска изгледа нема, но има една друга - дека тероризмот е во спротивност на идеалите на музиката и на уметноста воопшто.

Во спомнатата статија цитиравме интервју на Eagles of Death Metal дадено за Ролинг Стоун по повод нивниот прв албум по седум години. Во него има еден во сегашно светло многу индикативен пасус. Запрашан за причините за нивниот кам-бек, Џош Хом, еден од членовите, изјавува со „хе-хе" тон:

„Сфативме дека тоа што бендот нема издадено албум, што сме отсутни од музиката, има навистина негативен ефект. Се случуваат секакви проблеми на Блискиот Исток, па ете, се вративме затоа што ни е жал за тоа".

„Значи вашиот албум е директен одоговор на тероризмот?" - прашува новинарот на Ролинг Стоун

„Да", одговара Хом. „Снимивме плоча и човечките права веќе се подобрени, светот се чувствува по ок, луѓето заработуваат повеќе пари, помалку се гневни, се однесуваат со поголема почит кон жените и кон хомосексуалците, и тие се генерално пофини еден кон друг, затоа чувствувавме дека е време да започне еден процес на исцелување".

Колку и да е кажано на шега, сето ова од сегашна гледна точка звучи крајно иронично. Но тоа сепак добро ја опишува амбицијата зад создавањето музика и уметност воопшто - светот да биде подобро место за живеење.

Меѓу сите страшни аспекти на она што се случува во Париз, како што пишува Атлантик, е фактот дека нападите толку остро се судрија со ваквиот идеализам. Никој не знае како се одбрани локациите, но сите имаат врска со некакво уживање, при што најкрваво беше на едно од повеселите места за собирање - музички концерт.

Секој масовен собир носи со себе елемент на ризик, па трагедии на концерти имало и порано - убиство на концерт на Ролинг Стоунси, стампедо на оној на Прл Џем. Но ова е понаков вид ужас, не е несреќа или спонтано избивање конфликт, туку претходно добро планиран напад од аутсајдери. Најблиската споредба можат да бидат историски примери на тероризам на спортски и верски настани, места каде луѓето се загрозени токму затоа што дошле да се поврзат со други луѓе. Тоа се настани кои се замислени како чинови на сплотување, мир, афирмација на тоа колку може да биде животот убав.

Некое време присуството на концерти ќе биде малку поморничаво, а и безбедноста на повеќе концертни локации е значајно зголемена. Сепак, голем број артисти на своите концерти зборуваат токму за потребата тие да не се откажуваат, туку напротив да се продолжи со славење на вредностите кои ги поседува изведбата на музика во живо. На Твитер е покренат и хаштаг #livemusicheals (музиката во живо исцелува), преку кој луѓето ги споделуваат омилените концертни спомени.

Во моментов на социјалните мрежи е во тек кампања за „туркање" на верзијата на Eagles of Death Metal на песната на Дјуран Дјуран Save a Prayer, од нивниот нов албум. Еве ги тука заедно со „дјурановците":

17 ноември 2015 - 16:30