Чудни гробишта

Кога сладоледите ќе се стопат

На колегите од сајтов изгледа веќе им е очигледна опседнатоста на Букбокс со умирачки, па џентлменски ни го отстапија текстов, од кој ни доаѓа вода на уста. Не, не е за мртви луѓе. За сладоледи е.

Во јуни 2012 NPR започна серија текстови за чудни, страшни, историски значајни и смешни гробишта низ цела Америка. Акцијата се вика Dead Stop, a најновата станица се гробиштата на изумрените...вкусови сладолед.

Кај нас се сеќавам после Снежец имаше еден Руменко, па Капри, па Рум-кола, па Лени и оние во пластично топче, а потоа толку многу што веќе престанавме и да им ги памтиме имињата, а некои од нив веројатно веќе и не се произведуваат. Токму за да не се заборават, од „Сладоледите на Бен и Џери" одлучиле да направат еден вид музеј на некогашните сладоледи кои ги произведувала нивната фирма, и тоа во форма на гробишта, лоцирани во Вотербури, Вермонт.

Wild Maine Blueberry (боровница од Мејн), Sugar Plum (мешавина на слива и карамел), Оh Pear (крушка), Urban Jumble (чоколадо, кокос и печени бадеми) се некое од „закопаните" вкусови, чие „воскреснување" посетителите можат да го побараат на сајт токму за таа намена. 

Причините зошто некој тип сладолед престанал да се произведува се различни - од тоа дека на купувачите едноставно не им се бендисал, до тоа некоја состојка да станала премногу скапа. Вработените во фирмата дури и составуваат песнички за збогување со некои кои им биле особено драги, како оваа: „Со стегнато срце и длабок здив/му велиме збогум на Rainforest Crunch/направен од бадеми и лешници од егзотични земји/кои ни се пикаа под протезите. 1989-1996. Беше навистина, навистина добар сладолед".

Колку и да изгледа бизарно, на овие гробишта често се собираат фанови на одреден сладолед, кои од носталгија му одаваат почит и оставаат цвеќиња на гробот. Не сфативме само што се раздава за душа на сладоледите. Можеби корнети?

7 февруари 2013 - 15:28