За инфлацијата на една стилска фигура

Кога се претерува со хипербола

Откако еднаш ќе кажете дека сте сигурни во нешто „300 посто“, следниот пат, за да го засилите ефектот, ќе морате да употребите поголема бројка. И не е само до бројките - силните зборови, ако прекумерно се употребуваат, лесно ги трошат нивните животни сокови, и на крај издишуваат. 

Во 1980-тите било модерно да се вели дека спортистите „даваат 100% од себе" или се „стопроцентно лојални" на нивните клубови. Но дури и невозможното наскоро станало неадекватно. Во 1990-тите тие веќе вложувале 120%, 200% и 300% од нивните напори. Бидејќи се секогаш чекор понапред во креативноста, нашите локални варијанти не се во округли бројки, па така сигурноста дека нешто ќе се случи, во случајот во политиката, се изразува во децимали - на пример со фамозните 109,5%.

Токму овие области (политиката и спортот) и се најподложни на инфлација на хиперболите. Како што пишува Гардијан, во Британија во фудбалската сезона 2008/9 се појавила една интересна метафора - „паркирање на автобусот" - со значење „многу добра игра во одбраната". Но веќе во 2010 Мурињо зборувал за „паркирање авион", а кога Челси го победил Ливерпул со 2-0 менаџерот на Ливерпул ги обвинил неговите опоментни за „паркирање два автобуса" пред голот.

Физички за два автобуса нема ни место, а ни потреба, бидејќи за целосно покривање на голот е доволен и само еден. Но кој ни брани да си ги зголемуваме бројките, за така наводно да го зголемиме и ефектот? Работата е што на овој начин хиперболата (намерното претерување) се „троши", и ефектот наместо да се засилува, во еден момент заглавува во ќорсокак.

И не е само до бројките. И во англиското говорно подрачје, но и во македонскиот, значењето на некои зборови како да се излитило од прекумерна, и често погрешна употреба. Веќе пишувавме за таквиот случај со „буквално", кој сосема обично значело „она што се однесува на буквите од азбуката", а станало еден од најчестите „засилувачи" на искажаното. Сега „буквално" е деградирано во рангот на „стварно", „комплетно" и „целосно".

И други зборови ги губат нивните животни сокови. Некогаш имавме само „ѕвезди", сега супер и мега ѕвезди. Кога некој тим губи со голема разлика, тоа веќе не е пораз, туку „масакр". Откако еднаш ќе отрпнеш на хиперболичните употреби на овој, како и на зборот „војна" (против дрогата, против тероризмот), дали кога ќе треба да зборуваш за вистински масакр, и за вистинска војна, тие се уште ќе бидат соодветни за да ја опишат таа ситуација? Ако еднаш кажеш дека си чекал „цела вечност", а се работело за 15 минути, следниот пат кога ќе сакаш да го засилиш истото затоа што си чекал некого или нешто половина час, ќе ти снема доволно силен збор. Две вечности?

Ова, секако, дури ни хиперболично, не е крај на светот. Но и нашите медиуми си прават „мечешка услуга" кога сè и сешто нарекуваат „скандал", „ексклузивна вест", „нешто што МОРА да го видите". Како во приказната со Пеце и волкот, кога таква вест навистина ќе има, никој нема да ја забележи од сета таа хиперболична галама. Како во кафана, кога ќе се стиши музиката и сите почнуваат да зборуваат потивко, така и со умерената употреба на претерувањето се создава атмосфера во која можеме да се разбереме што е што.

19 јуни 2014 - 15:39