Цепенков лајкс дис

Кога неврални мрежи креираат поговорки

„Доброто вино е најдобрата проповед“. „Смртта, кога ќе дојде, нема да има овци“. Ова се некои од „древните“ поговорки, измислени не од исто толку древни Кинези или Македонци, туку од современи неврални мрежи.

Вештачките неврални мрежи претставуваат симулација на меѓусебно поврзани мозочни клетки или неврони, кои често се користат во комбинација со машинско учење. А пак „машинско учење“ значи дека алгоритмите учат самите од себе, од сопствените успеси и грешки, со тек на време. Нешто слично како што еволуирале (некои) луѓе.

Џанел Шејн го користи ваквиот вид софтвер за различни цели, најпрвин за нејзината основа работа - развој на ласерска оптика - но и за измислување рецепти, имиња на заморчиња или бои за варосување. Но еден од нејзините побизарни проекти е користење на неврални мрежи за составување поговорки.

Шејн внела 2.000 поговорки во софтверот, кој по малку „играње“ со податоците создал своја листа на бисери како „Доброто лице е пропусница за да излезеш од огнот“ или „Ниеден мудрец не сака да биде болен“, како и нашиот фаворит: „Нема чад без јак грев“.

Начинот на којшто компјутерите „мислат“ и ги комбинираат различните зборови во однапред дадена шема на поговорка и за истражувачот не е сосема јасен, па целиот процес личи малку на создавање „случајна“ поезија, која додуша на моменти и не делува баш толку случајно, особено што секој може да си ја толкува како што сака.

Некој да стави македонски поговорки во ваква мрежа па да видиме што ќе испадне? Можеби „Страв лозје чува и железни врати отвара“, или „Три пати мери, залудно не седи“?

29 јуни 2017 - 15:27