Жртва за пријателство

Кога Херцог одеше пешки од Минхен до Париз

Соочен со вестите дека неговата филмска менторка и пријателка Лоте Ајснер е тешко болна и хоспитализирана во Париз, славниот германски режисер во ноември 1974 одлучил да направи еден симболички гест - да појде пешки да ја види, како жртва во име на нејзиното спасување. 

„За одењето по мраз" (Von Gehem im Eis), книгата со дневнички записи од патувањето, деновиве е реиздадена на англиски, откако долго време не можела да се најде по книжарниците. „Тргнав полн со верба", пишува тој во неа, „верувајќи дека ако појдам до неа пешки та ќе преживее". Бил опремен само со јакна, компас, мала спортска торба и пар нови чизми.

Ајснер, родена во 1896, значи тогаш на возраст од 78 години, му била духовен ментор на Херцог. Започнала како филмски критичар за едно од водечките филмски списанија Film-Kurier. Но како голем број интелектуалци со еврејско потекло, заминала од Берлин за Париз во 1933. Била испратена во француски камп, но избегала и преживеала до крајот на војната под лажно име. Подоцна станала куратор на Кинотеката на Франција, а во тој период ги напишала и најзначајните дела, меѓу кои и биографијата на Фриц Ланг.

Со Херцог се сретнале прв пат во средината на 1960-тите на Берлинскиот филмски фестивал, што била и нејзина прва посета на земјата по бегството. Во моменти на криза во раните 70-ти кога неговите филмови биле жестоко критикувани, Херцог ѝ се доверил дека сака да се откаже од режирањето. „Не смееш да го сториш тоа", одговорила Ајснер, „филмската историја нема да ти дозволи". Ова Херцог го доживеал како благослов од папата - останатото е историја, на филмската уметност.

Во текот на спомнатото патување Херцог работел на „Носферату", па оттаму не е ни чудно што целиот дневник е полн со асоцијации на смрт, лудило и осаменост. Освен фактичките информации за тоа како очајно бара засолниште, спиејќи по селски фарми, со плускавци и рани на нозете, режисерот нуди и метафизички афоризми, кои критичарот на The Nation ги нарекува „херцогизми". „Оној којшто нема јазик што гори, има жешки ѓонови" или „Ќе сметав дека ова е реално само ако беше филм" се заменуваат со описи на пејсажите и сеќавања од детството, како кога ја качувал баба му во количка по планина на некаква свадба (што подоцна го подигна на повисоко ниво, пренесувајќи цел брод преку врв на перуанска планина за потребите на „Фицкералдо").

На крај патувањето било успешно, и тоа на повеќе начини. Ем Херцог ја посетил Ајснер во болницата, ем таа не умрела тогаш, туку дури девет години подоцна. Можеби Херцог навистина ѝ го спасил животот?

4 февруари 2016 - 09:23