Нов роман на Јан МекЈуан

Кога Хамлет би бил фетус

Прељуба, предавство, освета и убиство - овие теми, одделно или комбинирано, се обработени во голем број дела, но само „Хамлет“ ја имал таа моќ да стане парадигматичeн текст на кој со векови се надоврзуваат други, препрочитувајќи го, пародизирајќи го или деконструирајќи го. Таа низа сега се дополнува со уште една книга.

Седумнаесетиот роман на Јан МекЈуан се вика „Јатка“ (Nutshell) и се одвива во едно богато маало во Лондон, поточно внатре меките ѕидови на една матка. Хамлет е беспомошно уште неродено дете од брак кој полека се распаѓа. Заглавен е во мајка која не знае дали воопшто го сака, и со очув кој веќе размислува како да го даде на посвојување веднаш по раѓањето.

Малку „фатен“ од савињонот кој постојано го пие неговата „носителка“, тој со одвратност слуша како мајката и очувот се договараат да го убијат татко му, кога дискутираат околу европската финансиска криза и ги следат промените во цената на недвижнините во Лондон. „Колку е сето ова празно, колку е без љубов“, си мисли тој. „Сите сме сами, сите, освен мене, секој одејќи по напуштен автопат“.

Романот така повеќе го прилагодува отколу што го реконструира светот каков што изгледал во времето на Шекспир. Гертруда (мајката на Хамлет) се трансформира во Труди, 28-годишна сопруга на Џон Кернкрос, почитуван но не многу успешен издавач на поезија. Таа во еден момент го напушта и се фаќа со богатиот но глуп брат на Џон (значи со нејзиниот девер) со кого планираат да ја продадат брачната куќа од 8 милиони фунти, и да купат друга во Примроз хил, боемска населба во северен Лондон. Само има еден проблем: Труди е бремена со бебе од Џон, и фетусот слуша сè што тие планираат. И не само тоа, туку тој има веќе добро развиен речник од тоа што мајка му ноќе заради несоница слуша подкасти, што може да состави цел роман од слушнатото, и тоа во вискиот книжевен регистер на МекЈуан.

Нероденото бебе има веќе и развиен вкус за уметност - не ја сака модерната поезија, синтетичките звуци кои се шират од радиото, телевизијата му служи само како неопходен извор на информации (никако не и забава) и се грози од сленгот. Значи, мрчаторот Хамлет се развил во културен сноб на либералната елита на метрополата. Или, поедноставно, тој е алатка за изразување на незадоволствата на самиот МекЈуан, зачинета со референци на оригиналниот „Хамлет“ - данска брза храна, труење на Џон со сипање отров во неговото уво и сл.

Она за што голем број критичари го нападнаа уште пред да официјалното објавување на книгата е улогата што авторот им ја доделува на жените во романот (да бидат добри мајки), и на семејството (кое е добро само ако е традиционално). Како што вели МекЈуан во интервју за Гардијан, тој бил свесен за можните забелешки кон романот, од тоа како едно бебе цитира латински поговорки, до можните идеолошки импликации на нарацијата.

„Ѝ реков на Аналена (жена му) - ќе морам да избегам во странство кога ова ќе се објави, многу далеку. Ќе ме изрешетаат. Но колку што размислував за ова, толку повеќе уживав. Многу се забавував. Постојано сум посветен на форма на социјален реализам, па ова ми беше како празник на сетилата“. И додава дека однапред знае дека неговата книга никогаш нема да биде лектира заради мислите на нараторот за тоа што значи „пенисот на ривалот на татко ти да ти е само на неколку сантиметри од лицето“.

11 февруари 2017 - 10:43