Фото серија

Кога деца на точак пренесувале дрога низ Америка

Во 1908 Луис Хајн (Lewis Hine), ангажиран од Националниот комитет за детски труд, почнал да ги фотографира децата-курири на велосипеди, кои пренесувале пораки и предмети до фирми, бордели и продавници. Целта била да се обелодени нивната експлоатација, како и да се види во каква средина растат.

Ова е Харви Бушанан, поштенски курир број 1908. Во 1910, кога е фотографиран, имал 14 години и работел за 4 долари неделно. Белешката кон неговата фотографија вели: „Посетува јавни куќи. Пуши".

Децата кои работеле како курири најчесто биле ангажирани од проститутките, за да пренесуваат алкохол, тутун, опиум и лекови, или да ставаат во нивно име пари во банка. Во еден случај момче било ангажирано од проститутка и да ѝ ја чисти собата и да ѝ го мести креветот.

Вестерн Јунион ја сменил „технологијата" на доставување пораки дури по 1940, кога регулирањето на детскиот труд, законите за образование и минималните плати договорени со синдикатите значеле укинување на куририте. Но без нив пак една телеграма патувала исто толку долго колку писмо, а веќе можело и да се телефонира. Така фирмата го загубила својот специфичен идентитет и местото на пазарот на комуникации.

Но овие фотографии остануваат да сведочат и за тоа време, и за овие деца, чија понатамошна судбина не е позната. Момчето на фотографијата горе, на пример, било најмалиот курир на Вестерн Јунион, и имал само десет години. Во моментот кога бил фотографиран му било речено дека ќе биде отпуштен затоа што е премлад, но вистинската причина било што другите курири се бунеле што тој како најмал добива повеќе бакшиш.

Ова пак е Рејмонд Бајкс кој изјавил дека има 14 години. Работел до еден ноќе секоја вечер. Често спиел на пристаниште. Неговата мајка била видена неколку пати во канцеларијата на Вестерн Јунион, но била позагрижена околу парите отколку за што и да е друго.

Речиси сите момчиња биле ангажирани од борделите, иако официјално компанијата не го дозволувала тоа. Некои од нив преку ден оделе во школо, а потоа цело попладне и навечер разнесувале пратки. Луис Хајн, кој по професија бил наставник по ботаника од Њујорк, ја користел фотографијата како средство за социјална промена. Откако целосно се посветил на фотографирањето успевал да влегува во фабрики претставувајќи се како агент за осигурување, продавач на Библии или на новогодишни картички. Бидејќи претходно бил учител, знаел како да се постави со децата и освен што ги фотографирал, разговарал со нив и собирал колку што е можно повеќе податоци. Ги посетувал и дома, и со сарказам пишувал за „можностите на децата и семејствата да го дадат својот придонес во индустријата".

Повеќе за неговата работа и фотографии тука

30 јули 2016 - 11:09