Книга за Трамп и Клинтон од 19 век!

Прво мислевме дека е зафрканција, ама излезе стварно - пред скоро 150 години анонимен автор ја објавил „Чудниот Трамп“ (The Odd Trump), роман чиј главен јунак се вика Трампли Вејлс (скратено - Трамп). А најинтересно е името на ликот со кого тој постојано се расправа.

„Необичниот Трамп“ работи во банка, се наоѓа во матна финансиска ситуација и минува низ различни авантури, во кои се покажува де во крајно лошо, де во крајно добро светло - во една епизода спасува жена од давење, во друга се соочува со „духови месечари“, мистериозен стар слуга и непријател кој го напаѓа со пиштол во воз.

Но она што е најинтересно од денешна перспектива не е толку содржината на книгата, туку ликот со кој Трамп е во постојан конфликт, а чие име е - ДеВит Клинтон!

Дејството се случува во викторијанска Англија, која била мераклијка за приказни како оваа, со откачени ликови кои на општо задоволство ги прекршуваат моралните кодекси на тоа време. Трамп е баш таков симпатичен никаквец, како што е претставен во овој извадок:

„Трамп повторно стана, запали уште едно луле, заигра најапсурден танц, преврти столица, па ја крена и седна на неа. ’Каков дрвач си! Дај уште пиво“

„Според мене“, рече Клинтон, „доволно ти беше пиење за вечерва. Ако сакаш земи си сам“.

Клинтон постојано се обидува да го вразуми Трамп, нарекувајќи го „мазгоглав идиот“ или „стар измамник“. Тие добро се познаваат бидејќи, иако Клинтон е Американец, а Трамп Британец, се бивши колеги од факултет, а сега живеат во Глостершир, цело време мрчејќи за жени, за својата репутација и за малите годишни приходи.

Но кој бил авторот на ова дело, чие име на корицата не е наведено? Според Њујоркер, човекот се викал Џорџ Кулсон, роден е во Балтимор, а неговата кариера до пишувањето на оваа книга се состоела од водење продавница во центарот на градот, а не во трка по книжевна слава како онаа на неговиот сограѓанин Е. А. По. Следел период во кој тој водел сметководство за некаква фирма на Менхетен, па оттаму и инспирацијата неговиот лик да се бави со финансии. А останатите авантури на неговото алтер-его се пусти фантазии на човек кој секојдневно бил заглавен во (тогашен) Ексел.

Во романот Трамп е прикажан како расист, човек кој во најмала рака нема разбирање за маките на некогашните робови, а и тоа има врска со ставовите на самиот автор. Во статии во тогашни списанија напишани под псевдоним тој бил апологет на ропството, предупредувајќи дека аболицијата довела до тоа зголемен број „скитници, црнци и туѓинци, од кои најголем број поранешни осуденици“ да се помешаат со „чесниот народ“.

Кулсон напишал и други книги по оваа, но никогаш не го повторил нејзиниот успех. Во 1882 списанието „Критичар“ известило дека тој бил во тек на пишување нов роман „кога паднал од столицата и умрел речиси во моментот, од срцев удар“.

Целата книга може да се види тука

26 септември 2016 - 17:18