Ќе се снима документарец за Ферал Трибјун

Во Хрватска по излегувањето на монографијата за историјата на Ферал се виде дека не само што весникот не е заборавен, туку и дека тој сè уште се смета за некаков „светилник на слободата“ кој на луѓето им е потребен како поткрепа и во овие времиња. 

Во декември 2014 излезе книгата „Смеа на слободата", посветена на Ферал Трибјун, која се обиде да ја документира хронологијата и најважните моменти од неговото постоење, но и да одговори на прашањето зошто тој згасна, односно зошто хрватското општество не успеало да ја разбере користа од таквиот вид информирана и беспоштедна критика. По сехрватската турнеја низ истата таа земја на која очигледно Ферал сега ѝ недостасува, сега ќе се снима и документарец за него.

Автори на филмот ќе бидат Марина Баничевиќ (режисерка на претходен филм за театарската критичарка Мани Готовац) и Саша Станиќ. Тој би се концентрирал на триото Дежуловиќ-Луциќ-Иванчиќ и би вклучувал неформален разговор со тројцата автори, но би се избегнале општите места за историјата на весникот кои повеќе пати се покривани. Би биле раскажани некои помалку познати детали, но филмот би вклучувал и изјави на противници на весникот, со што би се добила покомплетна слика за идеолошкиот контекст во кој то функционирал. Ќе има и анимација на карикатурите, ќе се игра со фотомонтажи, и сето тоа за да се пренесе и визуелниот дух на Ферал.

Сепак, авторите не би сакале да придонесат кон „музеализација" на Ферал, во негово претворање во културен артефакт, бидејќи луѓето се сè уште живи и здрави, и критички настроени. Тоа што  книгата е печатена во Ријека, што авторите на филмот се од овој град, а и што тука е печатен и првиот број на весникот, тие го сметаат за локална гордост, но приказната за Ферал сепак ја сметаат за светска.

Што после книгата и филмот? Веројатно веќе ќе биде време да се престане со носталгијата и на сцената да стапат некои нови Фераловци. Ако ги има.

27 август 2015 - 10:11