Каква разгледница би му испратиле на претседателот?

Пред неколку дена во еден њујоршки парк се одржа „Сакам да кажам", уметничко-активистички проект, преку кој жителите на овој град им испратија пораки на нивните претседателски кандидати. Куцани на хартија, за да бидат сфатени посериозно од дигитална порака или коментар, кои денес можат да кренат прашина, а утре никој веќе да не ги памти. 

Повеќе од 60 студенти од Универзитетот на Северна Каролина направија штандови со машини за куцање низ паркот, и во текот на неколку часа трпеливо ги фаќаа белешките од минувачите, кои им ги диктираа пораките упатени до Трамп, Клинтон, и воопшто до американските политичари. Тие беа куцани на разгледници, кои ќе им бидат испратени на кандидатите.

Настанот, меѓу другото, покажал дека чинот на куцање, со сета врева и мака што тој ја подразбира, и кај оној што пишува и кај оној што зборува поттикнува поголема концентрација, особено затоа што пораката се печати на физички медиум, а не дигитално, што значи дека не може толку лесно да се едитира или да избрише со еден клик. Поголемиот број студенти машина за куцање имале видено само во подрумите на нивните родители, па морале да се подготват за овој настан вежбајќи како да ракуваат со нив.

Меѓу темите кои преовладувале биле финансискиот стрес од студирањето, здравственото осигурување, сексуалното насилство. Еве некои од пораките:

До Берни Сандерс

Не се откажувај! Ок е. Не верувам дека загуби во сопствената држава, сигурно беше изборна измама. Беше многу кул што го претстави бендот Run the Jewels и што рече дека тие ти се пријатели - или барем така изјави пред насобраниот народ. Твојата кампања беше навистина за паметење, па дури и ако Хилари победи, ние нема да те заборавиме.

До сите кандидати

Треба да знаете дека ова е значајно време за нашата генерација - имаме самодоверба и бестрашно ги изразуваме нашите мислења. Не се чувствуваме во сенка на оние кои се на позиција на моќ, туку излегуваме од неа за да зборуваме за правичноста и вистината и да ја споделиме понизноста на она што го гледаме. Нашите гласови можат да бидат слушнати и се важни, затоа што ние сме луѓето кои ја сочинуваат заедницата.

29 април 2016 - 12:36