Dum spiro, spero

Како вашиот здив ве поврзува со вселената

Иако можеби звучи како њу ејџ мантра, ние реално го дишеме истиот воздух како и остатокот од планетата. И не само тоа, туку вдишуваме и атоми на Шекспир или на Да Винчи, како и парчиња од нашиот сопствен здив, оној првиот којшто сме го испуштиле кога сме се родиле. 

Така вели Курт Стегер, во неговата нова книга „Вашето атомско јаство: невидливите елементи кои ве поврзуваат со сето останато во вселената". Еве еден извадок од неа, во кој тој меѓу другото порачува - дишете! Затоа што, како што вели латинската изрека, додека го правите тоа и се надевате.

Дишењето е толку универзално и континуирано што лесно можеме да заборавиме на него - до моментот кога веќе не можеме да го правиме. Затоа, тоа станува симбол на самиот живот. Со посебно внимание се однесуваме кон зборовите изговорени со последниот здив, а понекогаш дури ни е драг нечиј здив како физичка супстанца. Хенри Форд долго време чувал стаклена цевка со воздух во неговиот дом, кој бил примерок од последниот здив на неговиот пријател и колега Томас Едисон.

Имајте го ова на ум додека го земате вашиот следен здив. Забележете како ви се стеснува дијафрагмата а се релаксираат мускулите на ѕидовите од градите. Овој напор самиот по себе троши околу 3% од вашата метаболичка енергија во мирување, а тоа во смисла на волумен е исто како да сте повлекле цел грејфрут во белите дробови. Трилиони воздушни молекули сега се во стапицата на вашите гради, фатени како риби во мрежа. Само неколку од нив, кислородните, е она што вам ви треба.

Често се вели дека шумите се „белите дробови на планетата" затоа што го произведуваат кислородот којшто го дишеме, но метафората е всушност само делумно точна. Белите дробови не произведуваат кислород туку го консумираат, а само половина од нашиот кислород доаѓа од земските растенија. Остатокот се произведува од алги и цијанобактерии во езерата и океаните, со мало дополнително количество произведено со делбата на водната пареа во горната атмосфера, која е предизвикана од радијацијата од сонцето и од далечните ѕвезди.

Од вселената, Земјата изгледа како лебдечка сина монистра, и доколку се обидеме да ја задржиме оваа слика во главата тоа може да ни помогне да научиме важна лекција. Колку и да има изобилство на атоми на оваа планета, нивниот борј е конечен. Кога се гледа од голема далечина, небото изгледа како шокантно тенок филм, а повеќето од молекулите се спакувани на само 16 километарско парче од целосниот планетарен дијаметар од речиси 13,000 километри. Следниот пат кога ќе видите ваква фотографија на Земјата од вселената, сетете се дека еден загадувачки извор на чад КАДЕ И ДА Е во светот го загадува точно истиот водух кој ве одржува вас и вашите сакани.

Истражувањата покажуваат дека кислородниот гас кој го испуштаат растенијата и планктоните се меша низ секоја од хемисферите во тек на два месеци и и се шири низ целиот свет за помалку од една година. Чувствителноста на рамнотежата на кислородот и на јаглерод диоксидот покажува дека рециклирањето не е само минлива мода, туку традиција која отсекогаш била практикувана на атомско ниво од сиот живот на Земјата. Да се живее, а не само да се постои како нежива карпа, значи да се „позајмуваат“ и да се пренаменуваат елементите на светот околу нас, а потоа повторно нему да му се враќаат.

И покрај целата негова брилијантност, Хенри Форд изгледа не сфатил дека не му треба епрувета за да ја конзервира атомската суштина на Едисоновиот последен здив. Таков примерок можете да соберете во кое и да е време, заедно со oние од последните здивови на Исус, Шекспир и Леонардо - па дури и парчиња воздух кои вие сте ги испуштиле со првиот плач. Лесно е, тука среде небесно сината сфера на атомите. Само дишете.

Песната на Пинк Флојд Breathe, која почнува во тишина, која ви овозможува да си го слушнете здивот

18 декември 2014 - 10:46