Како ги воспитуваат децата во Данска?

Нова книга ветува дека може да им помогне на сите родители „да ги пораснат најсреќните, најприлагодените деца на светот“, онакви какви што се малите Данчиња. Спојлер: успехот на потфатот подразбира и да се преселиш во Данска. 

Данска од 1973 до денес секоја година е прва или меѓу првите по степенот на среќа на нејзините жители, иако никогаш не стана јасно зошто. Авторите на „Данскиот начин на родителствување“, Американка и нејзиниот сопруг психотерапевт од Данска, велат дека ја откриле тајната: Данците се среќни заради нивното воспитување. Нивната книга, која најпрвин била самиздат, се продала во 10,000 примероци за една година, а сега е преведена и во Британија.

За сеир на Европејците, во неа најтешките критики ги добиваат американските родители - индивидуализмот и натпреварувачкиот дух ги туркаат децата во постојан обид за „постигнувања“, а кога не можат да го издржат темпото им се припишуваат дијагнози и непотребни лекарства. Во 2010 5,2 милиони Американчиња биле на Риталин (стимуланс кој создава зависност, а се препишува главно за нарушувања на вниманието кај деца), тинејџерите страдаат од прекумерна дебелина, што пак се третира со хормонална терапија. Во 19 американски училишта се уште е дозволено наставникот физички да ги казнува учениците, а наводно 90% од Американците се уште користат шамари за дисциплинирање на децата. 

Спротивно на ова, акцентот во Данска се става на постигнување благосостојба со развивање на тимски дух и градење емпатија, а не преку поединечни постигнувања. Децата тргнуваат на училиште на шест години, и до 10 години го завршуваат школскиот ден во два часот, без да мораат дома да пишуваат домашни. Здравствениот систем исто социјално вмрежува, па новите мајки ги поврзува со оние веќе искусните, како помош во првите неколку месеци. Оттаму, кога авторите зборуваат за „воспитување“ тие не зборуваат само за тоа како да бидеш добар родител. Се работи за многу поширок контекст, на хумано и кохезивно општество, со системи кои се поставени за да помогнат и поддржат. 

Советите се дадени преку акроним лесен за паметење (P.A.R.E.N.T. - родител) односно игра, автентичност, преврамување, емпатија, без ултиматуми и заедништво. Некои се многу едноставни (барем теоретски), како оној дека ако детето те праша нешто треба да му дадеш искрен одговор, кој ако е малку вознемирувачки треба да се олабави со хумор. Други, како „преврамување“ подразбираат дека треба да се оддели одредено однесување од карактерот на детето. Така, ако кажеш „ти си мрзлив“, ваквата карактеристика како да станува еднаш засекогаш запечатена, непроменлива маана. Ако кажеш „те мава мрза“, значи нејзе може човек да ѝ се спротивстави. 

Фрустрацијата од тоа дома да правиш сè како што треба, а во школо и на улица сето тоа да паѓа во вода, е навистина голема. „Биди чесен“, „помогни на другарчето“, „подели ја ужинката“ делуваат како наивни совети, за некое друго време, и за некое друго место, кога детето ќе ти дојде од школо натепано и без ужинка, која му била земена на сила. Лесно е да бидеш мајка и татко во Данска, си велиш тогаш, затворајќи ја книгата со по малку кисела родителска насмевка. 

12 август 2016 - 14:19