Како „елитно“ стана омразен збор...на елитите

Како ви звучи кога нешто е опишано како елитно? „Елитен ресторан“, „елитна гимназија“. За некого оваа придавка е сигнал за посебност која мотивира. За други асоцира на некакви замислени олимписки височини, класна поделеност и недостапност. Антиелитистичкото чувство во САД ја одбележа изминатата година, а „елитно“ стана еден од најнепосакуваните епитети, пишува Њујорк Тајмс.

Поголемиот дел од американската историја анти-елитизмот бил прашање на оние „долу“ наспроти оние „горе“, а не на лево наспроти десно. Но пред половина век, конзервативното движење почна да промовира анти-елитистичка политика. Тоа значеше редефинирање на терминот кој сега беше преселен од концептуалното поле на класата кон она на културата. Таму „елитата“ можеше да се идентификува преку нејзините либерални идеи, и потрошувачките навики на некој кој има и пари и „истенчен“ вкус (Волво, лате, суши..).

Ваквата дефиниција ја користеше и Трамп во текот на својата кампања. „Бев на вистинската страна на тоа прашање, како што знаете, со народот“, се фалеше тој по Брегзит, додавајќи дека „Хилари, како и секогаш, беше со елитите“. Неговата заложба против политичката коректност е истовремено и борба против апсурдни политики на универзитетите, каде прекумерно привилигерани студенти (студентската „елита“) нема друга работа освен да дрдори за родова еднаквост и расна виктимизација. Под особено силен удар беа и „медиумските елити“, етикетирани како лажговци и како некомпетентни.

Целата работа се претвори во судир помеѓу две групи: оние кои ги кажуваат работите онакви какви што се, и сезнајните елити. Вторите беа затечени од победата на Трамп, што баш легна како доказ на нивната наивност и незнаење, а непријателството кон „експертите“ и професионалците така не само што најде свое оправдување, туку и основа за понатамошно подгревање.

Популистите во американската историја се фалени и славени како припадници на „народот“ кои се борат против „моќниците“. Но во средината на 20-тиот век, алармирани од подемот на фашизмот, една нова генерација истражувачи почна повнимателно да го анализира антиелитистичкиот дух. Во книгата „Доба на реформи“ од 1955, Ричард Хофштатер ги критикувал популистите како примитивни, провинциски анти-семити, латентни фашисти на неговото време. „Елита“ пак почнало да означува луѓе кои можеле да бидат и републиканци и демократи, но кои ги држат конците во економска и политичка смисла, кои се поврзани не преку култура или идеологија, туку преку нивната позиција на врвот на комплексни и моќни институции.

Либералните елити имаат прифатено дел од критиките на нивните опоненти. Во текот на претседателствувањето на Бил Клинтон, социјалниот критичар Кристофер Лаш ја објавил „Револтот на елитите и предавството на демократијата“, која тврдела дека либералите од високата средна класа се претвориле во самодоволни и дрски поединци кои не се во дослух со грижите на останатите Американци. И помеѓу помладата генерација автори има такви кои повикуваат на преиспитување на цлеокупниот етос на либералната „меритократија“ - систем кој поттикнува меѓусебно тапкање по грб на припадниците на „елитата“, во услови на нивна некомпетенција.

2017 ќе биде збунувачка во оваа смисла. Антипатијата кон богатата раководна класа како да доби на популарност изминатата година, но за чудо токму таа помогна да биде избран богат претседател. Во меѓувреме и либералните и конзервативните „елити“ се обидуваат да сфатат што ќе се случи ако претседателот продолжи да ги отфрла основните политички норми. Таквите „елити“ под Трамп ќе мора да ја редефинираат нивната улога во американскиот живот.

4 јануари 2017 - 16:27