Како да преведеш музика на јазикот на глувонемите?

Во 1990 американскиот Конгрес носи закон (Americans With Dissabilities Act), според кој на големите концерти треба да има толкувач за глувонемите лица. Но дури и професионалните дефектолози до тогаш се немале соочено со ваква задача - да пренесеш не само значење на одреден збор, туку на идеи кои се органски поврзани со звуци. Една од толкувачките одлучила да стане покреативна.

Амбер Галовеј Галего има „преведувано“ за 400 музичари, вклучително и на стадионски концерти на Адел, Кендрик Ламар, Дрејк и Ред Хот Чили Пеперс. Таа е една од толкувачите на поп музика, која ги пренесува значењата на она што во моментот се случува на сцената на Американски знаковен јазик, стандардизиран во 1960-тите. Но вештината на овие луѓе не е само во тоа да го пренесат точното значење на зборовите и изразите во песните, туку тоа да го направат со емпатија, спонтаност, ритам, па дури и со „воздушни“ гитари и тапани.

Во минатото кога среде толкување на телевизија или на настан ќе почнела некоја песна, толкувачите едноставно го покажувале знакот за музика и потоа паузирале до следното зборување. Но во последниве години е направен голем чекор напред во интерпретирањето музика. Глувите понекогаш можат да слушнат или да почувствуваат одреден опсег звуци (особено пониските фрекфенции), така што задача на интерпретаторот е да ја преведе мелодијата и хармонијата, генералниот „вајб“, и секако стиховите, кои во поп, но особено во рап и хип-хоп песните, не се секогаш лесни за доловување.

Галего (во видеото погоре) го има адаптирано знаковниот јазик така за тој да вклучува фрекфенција, висина на тоновите и ритам, а има богами креативни решенија за некои неверојатни метафори и рими. За да ја приближи музиката до глувите таа има направено и свој Јутјуб канал

Еве како изгледа натпревар помеѓу три толкувачки кои го „интерпретираат“ Виз Калифа на шоуто на Џими Кимел. Спојлер: Галего победува:)

12 април 2017 - 09:18