Славните писатели советуваат

Како да (не) пиеш

Писателите се познати „љубители на добрата чашка", но некои од нив точно знаат како треба да се прави оваа работа за ем да уживаш, ем да не испаднеш сељак. Еве некои од нивните совети. "Don't drink and write" сепак не е најчестиот.

Во книгата „Како да пиеш како џентлмен: работи кои треба да се прават и такви кои не треба да се прават, врз основа на 30-годишно детално истражување", Х. Л. Менкен, американски новинар, сатиричар и критичар на американскиот начин на живот, вели: „Два едноставни принципа лежат во основата на целата работа, и тие можат да се синтетизираат во две правила. Првото е дека, кога има избор, помекиот пијалок е секогаш подобар - не само затоа што е побезбеден, туку затоа што е подобар. Второто е дека ниту еден просветлен пијач не пие кога има каква и да е работа. Секако, има и многу повеќе од ова, но за почетник овие две правила се сосема доволни, па дури и виртуозите ги почитуваат".

„Пиј затоа што си среќен, никогаш затоа што си очаен. Никогаш не пиј кога без алкохолот би бил мизерен, инаку би бил како пијачот на џин со сиво лице од гетото; пиј кога би бил среќен и без него, тогаш би бил како насмеаниот италијански селанец. Никогаш не пиј затоа што тоа ти треба, затоа што тоа е рационално пиење, и патот до смртта и пеколот. Пиј затоа што не ти треба, тоа е ирационално пиење, и древно здравје на светот" - Г. К. Честертон (британски писател и филозоф), „Еретици"

„Секогаш кога ѓаволот те мачи, биди во друштво на мажи или пиј повеќе, или шегувај се и зборувај глупости, или прави нешто друго весело. Понекогаш ние мораме да пиеме повеќе за да се рекреираме, па дури и да грешиме малу за да му пркосиме на ѓаволот, за да не му оставиме место да ни ги измачува нашите совести со ситници. Победени сме доколку се обидуваме премногу внимателно воопшто да не грешиме. Затоа кога ѓаволот ќе ви рече: не пијте, одговорете му: Ќе пијам, и тоа слободно, само затоа што ти ми велиш да не го правам тоа" - Мартин Лутер

„Секогаш навечер пијам виски како превентива од забоболка. Никогаш не ме болел заб, и што е уште поважно, немам ни намера да ме боли" - Марк Твен

„Составувањето правила во врска со пиењето може да биде знак на алкохолизам. Секако, гледање на часовникот за тоа кога може да се почне со пиење е лош знак, но еве некои едноставни совети за младите. Не пијте на празен стомак: главната поента на освежувањето е проширувањето на задоволството од храната. Не пијте ако сте тажни: тоа е ѓубре од лек. Пијте кога сте добро расположени. Евтиниот пијалок е лажно штедење. Не е вистина дека не треба да пиете сами: ова можат да бидат најсреќните чаши кои некогаш сте ги испразниле. Мамурлуците се исто така лош знак, и не треба да очекувате дека ќе ви веруваат ако речете дека не се сеќавате на минатата ноќ (А ако навистина не се сеќавате, дотолку полошо) Одбегнувајте ги сите наркотици: тие ве прават поздодевни и не се направени - како што се грозјето и јачменот - за да го развеселат друштвото. Многу е полошо да видиш пијана жена отколку маж: не знам зошто е ова така, но така е." - Кристофер Хиченс, „Хич 22: мемоари"

„Премногу од што и да е е лошо, но премногу шампањ е таман" - Ф. Скот Фитџералд

„Ако ти се случи нешто лошо пиеш за да заборавиш, ако ти се случи нешто добро пиеш за да прославиш, ако не ти се случи ништо пиеш за нешто да ти се случи" - Чарлс Буковски, „Жени"

„Пијам од 15-годишна возраст, и многу малку други нешта ми причиниле толкаво задоволство. Кога работиш напорно цел ден со главата и знаеш дека исто така ќе треба да работиш и следниот ден, што друго може да ти ги смени идеите и да направи тие да се движат по друга рамнина ако не виски? Ако ти студи и си мокар, што друго може да те стопли? Единственото време кога пиењето не чини е кога пишуваш или кога се тепаш. Ако модерниот живот е механичка опресија, тогаш алкохолот е единственото механичко олеснување" - Ернест Хемингвеј, Постскрипт на писмо до критичарот, поет и преведувач Иван Кашкин, 1935

„Нема такво нешто како лошо виски. Некои вискија случајно се подобри од други. Но еден маж не треба да се бави со алкохол до неговата четириесетта; потоа е глуп ако не почне да пие" - Вилијам Фокнер

3 април 2013 - 16:25