Шведска на Саемот на книгата

Како да напишеш добар трилер?

Утре (5.5) започнува 27-то издание на Саемот на книгата, којшто некои го викаат и меѓународен. Знаејќи го главно традиционално здодевниот формат на манифестацијата, се радуваме што оваа година на него ќе се случува и нешто интересно, поврзано со пишување трилери и со Шведска.

Андреас Норман е поранешен дипломат, кој во шведското Министерство за надворешни работи десет години се занимавал и со прашања поврзани со Западен Балкан. Работел во Босна, Македонија и Литванија. Бил дел и од антитерористичка единица на истото министерство, соработувајќи со голем број партнери низ светот. Од ова негово искуство произлегол и неговиот прв роман, „Во разбеснетиот оган" (Into a Raging Blaze), кој жанровски спаѓа во трилери, а е прва книга од планирана трилогија. Таа, меѓу другото, зборува за деструктивната страна на надзорот, а ги предвидува и настаните околу Едвард Сноуден. Во моментов се работи на шведски филм базиран врз неа, чија премиера се планира за пролетта 2016.

Токму овој автор ќе биде присутен на овогодинешниот Саем на книгата, на кој Шведска ќе се претстави со посебен штанд посветен на криминалистичката шведска литература, преведена на повеќе од 50 јазици, меѓу кои македонски и албански, како и со детско катче посветено на Пипи долгиот чорап.

На 6 мај (среда) во 11 часот во првата хала тој ќе одржи предавање (на англиски јазик) на тема „Што ви е потребно за да напишете трилер-бестселер", а истата вечер во Менада од 20 часот ќе има неформална дискусија на темата, со него и со македонскиот писател Игор Станојоски (авторот на „Гаргара")

Се гледаме! (како и да се вика тоа на шведски)

4 мај 2015 - 11:10