Како да дигитализираш мирис?

Минатата недела, во подрумот на музејот Рубин во Њујорк, публиката на влезот добила метален цилиндар и инструкции да шмркнат малку од мирисот што тој го испушта. Истовремено, на екран одел анимиран филм под наслов „Алекс и земјата на чудата", кој ги следел замислените патувања на еден андрогин карактер додека тој патува низ светот, минувајќи низ џунгли, шуми и одмарајќи се на морски плажи.

За „конзервирањето" и пренесувањето на мирисни дразби сме пишувале и претходно, како на пример за апаратчето со симболично име „Мадлена" за регистрирање на краткотрајните олфакторни спомени, a интересен ни бил и еден лингвистички феномент, тоа што повеќето јазици кубурат со зборови за мирис. Еве нова вест во оваа смисла - повеќенаменски апарат промовиран на гореспоменатиот настан, кој во текот на филмот испуштал соодветен мирис - слатка арома на ананас или нападен мирис на масло за сончање - кој го акцентирал сетилното искуство, нешто слично како што тоа го прави одредена филмска музика.

„Сирано", како што се вика апаратот, е дигитален мирисен звучник, најнов пронајдок на професорот од Харвард Дејвид Едвардс. Од неговите досегашни креации најпознати се чоколадото што може да се пуши, амбалажа за храна што се јаде и алкохол што се вдишува. На неговиот најнов пронајдок работел неколку години, а во 2014 најпрвин промовирал прототип - апарат поврзан преку ајфон кој може да испраќа мејлови со мириси.

Сепак, Сирано е првиот негов производ кој се наоѓа во слободна продажба. Компактното апаратче емитира 12 различни мириси, кои корисниците можат да ги мешаат и да создаваат своја „плејлиста". Тие се поделени на категории, такви кои даваат енергија, кои релаксираат и „ескапистички". Доколку изберете од последниве, на пример, може да добиете тропски ноти на гуава, кокос и млеко за сончање. Од оние што даваат енергија ви стојат на располагање мирис на нане или ѓумбир.

„Од свесна гледна точка, нашата перцепција на мирисот е второстепена во однос на светлината и звукот", вели авторот. „Но од емотивна гледна точка, тој е примарен. Особено влијае врз нашата благосостојба, па оттаму е многу помоќен од светлината или звукот".

Сирано е особено погоден за користење во автомобил, каде може да „свири" мирисни мелодии кои ја одржуваат концентрацијата на возачите, активирајќи се на секои осум минути за да се избегне отапување на сетилата. Според статистиките 14% од Американците секојдневно заспиваат на волан, па се смета дека ова ќе придонесе и за намалување на бројот на вакви случаи.

Сепак, Едвардс не би сакал неговиот пронајдок да биде сфатен само како напреден освежувач за воздух. Токму затоа неговата промоција била поврзана со гледање филм, за да се укаже на можноста Сирано да се користи како дополнителен сетилен елемент во уметничкото доживување. Засега тој е изработен во 500 парчиња и се продава за 149 долари.

2 мај 2016 - 10:13