„Наносиш ми бол, лоше ти је то“

Изложба посветена на Маркиз де Сад

Утре се отвара големо шоу посветено на Донатиен Алфонс Франсоа де Сад, подобро познат како Маркиз де Сад. Ама, не брзајте со шиење платна за покривање на експонатите, не е во Скопје.

Во Музеј д'Орсеј, легендарната институција посветена на уметноста на импресионистите и постимпресионистите, лоцирана во поранешната железничка станица Гар Д'Орсеј, утре (14.10) се отвара шоу под наслов „Сад: напад на сонцето". Тоа се фокусира на „револуцијата на репрезентацијата инспиририрана од книгите на овој автор", а на мултимедијалната изложба ќе бидат претставени контроверзни и сензуални дела од уметници како Гоја, Енгр, Роден, Пикасо и др.

Маркиз де Сад (1740-1814) во неговите дела, од кои најпознатото е „120 дена Содома", радикално ги преиспитува прашањата на моралот, концептите за убавото и грдото, за суптилната граница помеѓу задоволството и болката. Оттаму, теми на кои се однесува шоуто се страста, девијацијата, екстремите, чудното и монструозното.

На сајтот на Музејот, со болдирани букви, стои предупредување: „Насилната природа на одредени дела и документи можат да шокираат некои посетители". Таков дисклејмер сепак не е потребен за видеото кое го најавува настанот, режирано од двајца видео артисти, Давид Фрејмон и Флорент Мишел, кое повеќе личи на препелкање купчиња неидентификувано месо, отколку на некаков секс. Сепак, NSFW или НПЗР (не е подобно за на работа). Божем па на друго место сè е подобно.

13 октомври 2014 - 15:10