Во пресрет на нејзиниот прв можен Оскар

Изабел Ипер: „Главниот лик во Ел е пост-феминистичка хероина“

Славната француска глумица која во 2013 ја видовме на затворањето на фестивалот Манаки во Битола, оваа година ја добива првата номинација за Оскар за одмаздничкиот трилер „Ел“. Пренесуваме делови од нејзиното интервју за Гардијан.

После 46 години играње улоги на кои тешко дека би се нафатила не само некоја холивудска, туку и друга европска ѕвезда, „Ел“ изгледа како кулминација на кариерата на Ипер. Филм за кој долго откако ќе заврши не знаете што да мислите, тој е многу „иперовски“ - студен, мрачен и нешто помеѓу садистички и мазохистички.

Таа ја глуми Мишел Лебланк, богата сопственичка на видео компанија во Париз. Филмот почнува со брутално силување од страна на маскиран натрапник во нејзиниот елегантен дом. Силувачот бега, а Мишел откако доаѓа на себе се тушира, нарачува суши и веднаш почнува со планирање одмазда. Режисерот е Пол Верховен, чија холивудска кариера вклучува уште еден славен трилер, „Основен инстинкт“.

Ипер, која денес има 63 години, многу чита, и токму на тој начин дошла до „О...“, романот на Филип Џиан, врз кој е базиран „Ел“.

„Филмот во ниту еден момент не го третира лежерно силувањето. Не го минимизира делото, иако не ни е негов реалистичен коментар. Тука има чувство на интегритет, на казна и како сето тоа ја допира жената“.

Сепак, многумина кои го гледале филмот се вознемирени од фактот дека жртвата на силување во него подоцна почнува да се возбудува од сексуално насилство. И Ипер признава дека тој го презема таквиот ризик.

„Еве што ми се допадна“, вели таа. „Мишел е силувана и се соочува со ова насилство, и мора да биде мајка на ранлив син, и ќерка на луда мајка. И бивша жена, љубовница, шеф. Тоа што оваа жена е дефинирана на толку различни начини ја прави комплетно човечко суштество. Таа не е дефинирана само од силувањето и од силувачот. Таа е нова, пост-феминистичка хероина“.

Ипер самата му пристапила на продуцентот Саид Бен Саид, сугерирајќи го Верховен за режисер. Тие потоа за главната женска улога барале некоја холивудска ѕвезда (во игра била и Никол Кидман), но никој не сакал да се нафати. Конечно се вратиле во Франција и повторно дошле кај Ипер. На шега таа вели дека најпрвин им се налутила што барале некоја друга актерка, но потоа сосема мазно ја прифатила улогата. Верховен наводно го снимал филмот речиси како документарец, овозможувајќи ѝ буквално да прави што сака, и не доведувајќи ги во прашање нејзините решенија за улогата. Токму затоа ѝ се допаднало да работи со него.

Помеѓу (дури) шесте филма кои треба да се појават наскоро во кои таа глуми, е и „Хепиенд“, нејзина четврта соработка со Ханеке, сниман во Кале. Иако сите очекуваат дека филмот ќе биде за мигрантите, всушност е сосема обратното - филмот е за семејство во Кале кое не дава пет пари за мигрантите, што би требало да ја симболизира незаинтересираноста на западот за ова прашање. На тоа дали и самата спаѓа во оваа категорија луѓе, таа одговара: „Да, јас сум како и секој друг. Фатена помеѓу индиферентноста и отпорот“.

извор: Гардијан

24 февруари 2017 - 16:09