Излегување од книжевниот плакар

Исповед на писател во сенка

Има напишано 80 книги и продадено 10 милиони примероци во текот на неговата 40-годишна кариера. А сепак никој не го знае под неговото вистинско име. Сè до сега.

Следната недела Ендрју Крофтс, еден од најуспешните британски автори чие име сепак никој не го знае, ќе ја погази професионалната дискреција, и ќе проговори за еден занает кој е речиси исто толку стар колку и онаа другата, најстара професија. „Исповед на еден писател во сенка" (Confessions of a Ghostwriter) конечно ќе излезе под неговото име, и ќе го опише животот на оние мажи или жени кои работат за суетата на оние кои сакаат да се појави нивното име на корица на книга, но кои немаат ниту знаење, ниту талент за навистина да ги напишат. Издавачите од друга страна се жедни за комерцијални наслови во жанровите кои добро се продаваат, како на пример мемоари на познати личности.

Позади славните имиња како сер Алекс Фергусон, Џордан или Викторија Бекам се кријат срамежливите фигури на „писателите во сенка". Понекогаш тука нема измама, како во случајот со „Живот" на Кит Ричардс, за која се знае дека е напишана од Џејмс Фокс. Но во повеќето случаи вие читајќи „автобиографија" на некој вам сакан музичар, актер или спортист всушност го читате она што за него го составил некој пописмен, а добро платен.

Ghostwriting како термин е создаден од Кристи Волш, Американец кој во 1921 година формирал организација чија цел била книжевно да ги истражува животите на американските спортски херои. Волш не само што ги најмувал „духовите", туку им наметнувал и строг кодекс на однесување. Правило број еден: „Не ја навредувајте интелигенцијата на публиката со тоа што ќе тврдите дека овие луѓе го напишале сето тоа".

Но овој кодекс на Волш веќе не се почитува. Често пати на почетокот или на крајот на книгата има белешка каде славната личност благодари на партнерот, на децата, дури и на семејните миленици, пред да ги спомне, сосема дискретно и патемно, невидливите мажи или жени кои се всушност вистинските автори на книгата. Алтернативно, и поочигледно, ваквите книги понекогаш се објавуваат со забелешката „како што му е кажано на..", „напишано со.." или „уредена од страна на..".

Еден од тие писатели е и споменатиот Крофтс, кој влегол во овој занает затоа што бил „премногу арогантен" за да студира, а сепак морал да живее од нешто. Дал оглас во списанието Bookseller со содржина: „Писател во сенка бара работа“. Телефонот набргу почнал да ѕвони.

Неговото искуство се сумира во следново: „Тоа е совршена зделка. Добивате нарачка, имате авантура - од палати до бордели - и потоа се враќате во безбедноста на вашиот дом". Тој признава дека можел да пишува што и да е доколку бил платен за тоа, дури и ако му се јавеле од Германија во 1930-тите. Но сега, по 40 години пишување за некој друг, изгледа дека сепак добил желба конечно да излезе од писателскиот плакар. Кога ќе биде објавена неговата книга ќе видиме колку далеку ќе оди во отворањето на картите.

29 јули 2014 - 19:41