Постмодерната и нејзините последици

Иронијата е крива за сè

Доналд Трамп, чиј лик и дело беа мета на силни иронии, цинизми и сарказми од страна на неговите противници, сепак успеа да влезе во Белата куќа. Ш’о така?

Постмодерната, чии никулци се во педесетите и шеесетите од минатиот век, ги раскринкува „големите нарации“ за Бог, Вистина, Знаење, Добро и Убаво, нудејќи наместо монолитни толкувања и „етикети“ такви кои барем навидум се подемократски и потолерантни. Ако навистина нема само еден Бог, тогаш не е важно дали е некој христијанин или Харе Кришна. Ако нема цврсто утврдени социјални улоги, тогаш жена може да биде и рудар, а Афро-американец претседател на САД. Па, има ли подобро?

Но иако ова звучи посакувано, па дури и како основа за светски мир, негативните последици на постмодерната се чувствуваат и неколку генерации откако таа го мина својот зенит. Наместо да биде здрав начин на критичко деконструирање на тоталитарните вистини, како сиротото бебе исфрлено од коритото сосе валканата вода, таа во својата радикална форма доведе во прашање буквално сè, релативизирајќи ги и религиските доктрини, и научните вистини, и моралните норми, без кои Човекот (со големо Ч) е оставен со „таквото“ (или „таквата“) во рака.

Една од главните реторички финти на постмодерната е цинизмот и иронијата, и тоа нејзино наследство, прекумерно употребувано во денешните медиуми, социјални мрежи, производи на поп културата, но и политиката, уметноста и воопшто животот, ги „затнуваат“ комуникациските канали за добивање јасна и еднозначна порака, како кои се партизаните а кои Германците, кој е волкот а кој Црвенкапа, оставајќи простор сите тие референци и мета-референци на крај да се сведат на игра на зборови без вистинска тежина.Што можеш да очекуваш од ТВ шоу кое самото за себе тврди дека е глупо?

Ваквата употреба на иронијата, на ниво на забава, е деструктивна, тврди Дејвид Фостер Валас во долното видео. Самиот тој ја има обилно користено во неговите дела, но за да ги испита јазовите помеѓу она што е кажано и она што навистина се мисли, помеѓу тоа како се прикажуваат нештата и какви се тие навистина. Но доколку иронијата служи КАКО ЗАМЕНА за лицемерието кое наводно сака да го критикува, тогаш работата не е на арно. Тоа е како иронички настроен коментатор да сака да тргне од престол тиранин, за потоа тој самиот да стане уште поголем тиранин од него. Иронијата не нуди решенија, само со злобен кикот укажува на мааните, и откако ве „просветлила“, ве остава сами да излезете на крај со вистината - дека сè е лага.

Каква врска има ова со најновите изборни резултати во САД? Последниов месец кампањата против Трамп веќе не знаеше кај тера - откако се исцрпија првичните пародии, смешки у боја, и кога се виде дека работата станува сериозна, таа премина на иронии и цинизми, надевајќи се дека така ќе се премислат веќе определените и ќе се определат (за Хилари) оние кои допрва ќе се одлучуваат.

Тикви.

Доналд Трамп, тој исмеван, деконструиран, фотошопиран, сечен, лепен и монтиран лик, стана претседател на САД. Нашите најискрени честитки. 

Поврзано: „Проблемот на иронијата“ од Џонатан Лир (Букбокс читанка)

9 ноември 2016 - 11:44