. , ! ...?

Интерпункциски соголени книги (и наши текстови)

Кога споредуваме книжевни стилови најчесто мислиме на тоа како различните писатели ги користат зборовите. Но она што нивните дела ги прави посебни е и специфичниот начин на којшто секој од нив, свесно или несвесно, користи интерпункција. Ние изгледа сме по запирките.

Инспириран од серијата постери „Помеѓу зборовите", која претставува истражување на ритамот на интерпункцијата во познати книжевни дела како Алиса или Моби Дик, научникот и писател Адам Џ. Калхун одлучил да сведе неколку книги на нивните интерпункциски знаци. Како пример ги земал „Франкештајн", „Гордост и предрасуда" и „Улис", но и дела од понов датум, за да ги спореди стиловите на нивните автори, како и можната историска еволуција во начинот на пишување воопшто.

Вака визуелно претставени разликите се веднаш воочливи, како во примерот со ритамот на „Крвав меридијан" на Кормак МекКарти и „Абшалом, Абшалом" на Вилијам Фокнер, при што вториот е како густа шума од знаци спореден со првиот (слика горе).

 

Истовремено, Калхун направил и статистички преглед на секој од употребените интерпункциски знаци, кои кажуваат многу за тоа дали речениците се кратки (ако нема многу запирки) или дали има дијалози (ако има наводници). Ги броел и зборовите по реченица, а направил и визуелизации во вид на „жешки мапи", на кои точките, прашалниците и извичниците се означени со црвено, запирките и наводниците со зелено, а точките-запирки и двете точки со сино.

Сите визуелни мапи на Калхун тука

Од љубопитност направивме ваков интерпункциски преглед и на три случајно одбрани текстови од сајтов. Вака изгледа статија од рубриката вести:

 

Од спортскиот Офсајд:

И од Букбокс:

Вака на око најмногу „акција“ се случува во вестите (има од сè по нешто, и извичници, две точки, наводници, прашалници..). Спортска е сталожена ко синхронизирано пливање, фрлајќи се во вода со прашалник, но потоа мирно пловејќи до последните четири точки. Букбокс пак употребува толку запирки што веројатно значи дека во една (долга) реченица има многу излети (стручно: забегувања) од главната струја.

Како и да е, вака визуелизирани текстовиве ни делуваат ко некаква кодирана (Морзеова) порака. Ако некој ја открие, нека ни јави. 

18 февруари 2016 - 13:43