„Интересно“ e неинтересен збор

Кога би можеле да забраниме еден збор кога се опишуваат луѓе, музики, филмови и претстави тоа би бил овој. „Интересно“ е толку млак термин, испразнет од значење, што повеќе звучи како изговор и/или навреда отколку како релевантен опис. Ич не е интересно нешто да е (само) „интересно“.

Има вистини. Има алтернативни вистини. И има „интересни нешта“. Овие последниве со нивната бенингна, навидум неутрална природа, не прават голема штета. Но користењето на изразот „интересно“ како лингвистичко сврзно ткиво сигнализира отсуство на прецизен став и е прилично површна информација, дури и да е точна. На долги стази постојаното опишување на нешто како „интересно“ на сè и сешто, од ТВ емисии, книги, наслови на статии, дополнително го разводнува терминот, ја подрива секоја сериозна критика и ја претвора во лабав („интересен“) муабет.

„Интересно“, според коментатор на Аеон, е синоним за „забавно“. Ваквото поврзување на двата концепта знае да биде особено проблематично во образованието. Наставниците и професорите, како и материјалот за учење, почнува да се оценува според тоа колку е здодевен/интересен. Сајтови нудат совети за тоа „како да станете професор кој држи интересни предавања“, со тоа прогласувајќи ја забавата за повисок приоритет од напорната работа да се пренесе понекогаш сувопарен но потребен материјал. Плус, не е секој професор талентиран да степува на час за да им го оддржи вниманието на студентите, хиперсензибилизирани на интересни работи кои им се достапни на еден клик.

Науката и уметноста не смеат да се сведат на „интересно“. Тие знаат да бидат тешки, мачни, несекси, неинтересни. Отсуство на интерес за некоја тема пак може да сигнализира не дека тоа нешто не е интересно, туку дека публиката е „пренадразнета“ и нејзините очекувања се превисоки. Единствено што би можело да помогне во еден таков свет е да се направат неколку чекори наназад - еден период да ни биде крајно здодевно, за потоа и она малку интересно да го заслужи овој опис, кој во моментов не значи ама баш ништо.

 

22 февруари 2017 - 09:17