Нека свират 1,000 виолини

Инструменти направени од она што остана по цунамито

Еден можен начин на сеќавање на некаква национална катастрофа - од нејзините остатоци да се создаде нешто трајно и убаво.

На одбележувањето на првата годишнина од цунамито во Јапонија, во мај 2011, познатиот израелски виолинист и амбасадор на добра волја на УНЕСКО Иври Гитлис свиреше на виолина на правена од отпад од катастрофата - делови од куќи и дрвја исфрлени од брановите. Тоа беше и официјалниот почеток на оваа акција. Првата фаза завршува денес (20. јули), кога 300 музичари, во парови (еден од Јапонија, еден од друга земја) ќе отсвират композиција на виолини направени токму од ваков материјал.

Мунејики Наказава, реставратор и изработувач на виолини (има реставрирано 50 Страдивариуси), кој го иницирал проектот, вели дека целта е во него да учествуваат 1,000 виолинисти од целиот свет. Бројката 1,000 има симболичко значење на „вечност" во јапонската традиција - илјада меѓусебно поврзани оригами на жерави, на пример, можат да ви исполнат желба, опоравок од болест и долг живот.

Во футролата за секоја виолина е ставен и нотен запис од оригинална композиција со наслов „Тага", од композиторот Сусуму Уеда, во спомен на жртвите. Наказава се надева дека ова ќе биде начинот да се отслика „одлучноста на јапонскиот народ, преку инструментите родени од отпадот од катастрофата".

20 јули 2012 - 13:33