и тоа го има

Игрица чиј главен лик е писател

Дури и за еден не-гејмер темата на играва делува промашено. Покрај толку верзии на историски спектакли, тепачки, стратегии, кој е тој кој би сакал да си троши време на игра со човек што се мачи да напише роман, и тоа на машина за куцање?

Играта се вика „Романописецот" и се однесува на Ден Каплан, писател кој се обидува да ја напише најважната книга во неговата кариера (да, на машина за куцање), а истовремено да биде добар сопруг и татко. Капланови се заминати на одмор во нивната куќа близу морето, но не се свесни дека ја делат куќата со уште некого - со вас.

„Прочитајте ги мислите на семејството. Истражете ги нивните спомени. Откријте ги нивните желби и замешајте се во нивните животи. На вас е да одлучите како се одвива кариерата и семејниот живот на авторот. Нема лесни одговори и секој избор си има цена" - се вели на сајтот на играта. 

И покрај тоа што графички делува прилично сиромашно, а и темата не е нешто возбудлива, играта предизвикува очигледен интерес, дури и на страниците на ЛА Тајмс. Кој знае, можеби таа сепак ќе си најде своја публика, особено меѓу самите писатели, кои неа ќе ја користат ко „показна вежба" за излегување на крај со своите креативни блокади и џангризави жени. Уште сите да имаа ваква вила со поглед на океан..

14 август 2013 - 10:21