Иг нобел за книжевност 2016: Тротомна книга за муви

На прво зуење звучи како книгава навистина да ја заслужува наградата за неинвентивност и неупотребливост. Но ако човек малку се задлабочи, мувиве можеби треба да ја добијат вистинската Нобелова.

Една од омилените теми секоја година ни се наградите Иг нобел, пародија на вистинските Нобелови, кои пленат со својата инвентивност, пародичност и крајна неупотребливост. Последен пат за Иг нобел за книжевност пишувавме во 2012, кога наградата ја доби Извештајот за проценка на корисноста на извештаите, изработен од Владината канцеларија за генерална одговорност на Сенатот на САД, кој е брилијантен пример на циркуларно мислење.

Оваа година наградата за перцепција отиде кај јапонски истражувачи кои работеле на тема „дали работите изгледаат различно кога ќе се навалиш и ќе погледнеш помеѓу твоите нозе“. Психолошката наречена „Од јуниор до сениор Пинокио“ отиде за истражување на тоа како лажговците лажат во текот на нивниот живот - базирано на описите на фреквенцијата на лагите на самите лажговци. Наградата за медицина е малку попрактична, и со неа се оддаде признание на истражување чиј заклучок е дека можеш сам да си се почешаш без да се допреш, ако го излажеш мозокот со помош на огледала. А наградата за биологија отиде кај наш стар познаник, човекот кој помина некое време живеејќи како коза.

Она што повторно посебно нè интересира е наградата за книжевност. Неа ја доби Швеѓанецот Фредрик Сјоберг, кој живее на малиот остров Рунмаро во архипелаг источно од Стокхолм. Иако добивањето на Иг наградата би требало да значи дека неговата книга „Стапица за муви“ нема врска со живот, овој негов автобиографски труд во дури три дела е всушност бестселер во неговата родна земја, а кога излезе доби одлични медиумски критики. Таа притоа се протолкува како протест против глобализмот, и ширењето а истовремено уповршнувањето на знаењата и интересите - од милиони видови инсекти на Земјата, и стотици илијади кои припаѓаат на родот Diptera, односно на мувите, тој се концентрира само на „осоликата мува“, семејството Syrphidae, од кој има 5,000 видови во целиот свет и 368 во Шведска.

Островот на Сјоберг има само 15 километри квадратни, со население од околу 300 луѓе зиме, а 3000 луѓе лете. На една толку мала површина тој во текот на седум години успеал да улови и детално да регистрира 202 видови од овие муви, при што за некои од нив се сметало дека се одамна исчезнати. Иако по образование ентомолог, Сјоберг како млад, „за да не стане копија на светските очекувања“, работи во одделот за реквизити на Кралскиот драмски театар во Шведска, па можеби заразен од таа уметничка атмосфера тој сега пишува повеќе како автор на хумористичен роман, отколку како стручњак од својата област. На пример, зборувајќи за оние иглички кои служат за прицврстување на примероците муви во збирката вели: „Најдебелата е голема колку шајјка, додека најтенката, број 000, е карпциозна и флексибилна како француски глагол“.

Сјоберг прифаќа дека се занимава со егзотична и осамена работа. Истото го мисли и за сопственото пишување, опишувајќи го (во лоши денови) како „стоење во ред на дожд пред нудистичка книжевна колонија, со огледала насекаде, модар од студ“. Но фактот што неговата книга доби Иг можеби и не е толку лош за нејзина популаризација - него веројатно и онака мува не го лази.

Извадок од книгата тука

24 септември 2016 - 10:24