Амазон убер алес

Хитлер реагира на состојбата со издаваштвото

Амазон последниов месец се соочува со неколку паралелни „движења на отпорот". Иако на крај индустријата веројатно ќе победи, и обидот да се реагира се брои. Особено кога е вака креативен.

Познатото видео со Хитлер кое по потреба се прилагодува за пародизирање на сè и сешто - од фудбал до Евровизија - во овој случај се однесува на нешто по „книшко". За оние кои не ја следат ситуацијата во оваа индустрија, кратко објаснување на неговата содржина. 

Последниов месец Амазон е тема на различни протести и петиции по две основи. Едната е неговиот обид да купи неколку глобални генерички интернет домени (.book, .аuthor и .read) на што реагираa Писателскиот еснаф (Authors' Guild) и Здружението на Американски издавачи, кое во отворено писмо до Интернет корпорацијата за регистрирање имиња и бројки (Internet Corporation for Assigned Names and Numbers - ICANN) напиша дека интересите на „авторите, издавачите, продавачите, библиотеките, книжевните агенти, наставниците и уредниците" можат да бидат доведени во прашање доколку на Амазон му се дозволи ваква работа. Според нив, давањето на вакви генерички домени во приватни раце е едноставно антикомпетитивно, затоа што им овозможува на веќе доминантните компании само да се прошируваат и да ја зацврстуваат својата пазарна моќ, при што потенцијалот за злоупотреба е практично бескраен.

Втората работа е британска онлајн петиција која до сега има 100,000 потписници, која ја повикува владата на Велика Британија да го натера американскиот гигант Амазон да плаќа данок за локалната продажба. Кампањата ја започнале независните книжари Франсис и Кит Смит, изнервирани од огромните попусти кои Амазон ги нуди онлајн, што е сосема нелојална конкуренција на нивниот мал, но чесен бизнис. И покрај тоа што Амазон минатата година во Британија остварил продажба од 2,9 милијарда фунти, тој не платил ни пени данок. На крајот на акцијата организаторите планираат да му ја врачат петицијата лично на премиерот Дејвид Камерон, во присуство на „голема толпа лути писатели и други подржувачи". Финтата е што сета продажба на книги и играчки во Британија Амазон ја остварува преку посредник од Луксембург, што значи дека кога Британците купуваат од Амазон тие всушност плаќаат на компанија со седиште во Луксембург. да не е така, Амазон би требало да плати данок од најмалку 100 милиони фунти годишно.

Овие настани, како и генералната омраза кон големите, нефер компании како што е и Амазон, биле инспирација за ова клипче, во кое луѓето на Хитлер го предаваат со тоа што наместо Амазоновиот Киндл користат Нук на Барнес и Нобл, или наместо да објавуваат кај него одат кај ривалскиот Кнопф.

 

8 април 2013 - 15:40