Глобално „да се биде или не"

Хамлет во секоја земја во светот

Шекспировиот Глоуб театар има неверојатен план за прослава на 450 години од раѓањето на Бардот - изведба на „Хамлет" буквално низ целиот свет. Ако е така, значи можеме да ги очекуваме и во Македонија.

Никој не знае точно кога се родил Шекспир, но една од претпоставките е дека тоа е истиот датум како и оној на неговата смрт - 23. април. Тоа значи дека денес Бардот полни 450 години.

Шекспировиот Глоуб театар, истиот оној во кој тој ги извел повеќето од неговите драми, го одбележува настанот со амбициозна светска турнеја на Хамлет, која трупата планира да ја постави во секоја земја во светот. Доминик Ромгул, уметничкиот директор на Глоуб, вели дека ова е „храбра и глупава идеја".

„Работата со ваквите идеи е што луѓето многу бргу ги разбираат. Кога најавивме дека планираме да ја поставиме претставата буквално низ целиот свет, луѓето веднаш сфатија колкава забава и амбиција има во тоа", изјавил тој. 

Од друга страна, Ромгул нагласува дека ова нема да биде прв пат претставата да игра во необични контексти. Пред повеќе од четиристотини години, во 1608-та, таа била поставена на брод близу брегот на Јемен, а трупата тогаш гостувала и во она што е денес Холандија, северна Германија и низ цела Полска. Во овие контексти драмата е изведувана во скратена форма, а акцент е ставан на физичкиот аспект.

И сега ќе биде слично, со тоа што театарот е подготвен да игра и во престижни национални установи, но во некои земји и на плажа, како на пример на Пацифичките острови. Идејата е целата поставка да не е гломазна и да може лесно да се прилагоди на различни околности.

Што се однесува до политички и воено нестабилните подрачја, таму тие се подготвени да соработуваат со невладини и хуманитарни организации, како на пример во Централно-африканската република, каде претставата ќе се дава во бегалски кампови. Во Киев пак претставата е закажана ноќта пред изборите, што е симболички гест кој ја покажува врската помеѓу театарот и реалните општествени проблеми.

Во прилог препев на Драги Михајловски на најголемата дилема во историјата на книжевноста но и во животот, онаа To be or not to be..

„Да ме има или да ме нема: ова ме мачи:/дали е поблагородно за умот да ги трпи/праштите и стрелите на ужасната судбина/или да се крене против морето премрежиња/ и низ борба да ги сотре? Да се умре:да се заспие:/и толку:и низ сонот да се рече дека им ставаме крај/ на срцеболот и илјадниците маки/ чиј наследник е телото, ова е скапнатост(умирачка)/што без задршка треба да се посакува. А што ако умреш, заспиеш/заспиеш: и фатиш да сонуваш: да, тука е тешкото;/зашто во тој сон на смртта соништата што може да дојдат/ кога сме го одмотале смртново клопче/ сигурно ќе нѐ кочат: тука лежи сопката/ што ни го продолжува трпистраданието;/ зашто кој жив би ги трпел камшиците и презирот на времето,/ злата на угнетувачот, навредите на гордиот,/ болките од невозвратената љубов, неспроведувањето на законот,/ дрскоста на администрацијата,/ и боцките презир што вредниот од невредниот ги прима,/ кога може самиот да си донесе спокој/ со еден удар на ножот? Кој жив јаремот би го носел,/ да офка и да се поти под уморниов живот/ да не е стравот од нешто по смртта,/ од таа неоткриена земја од чии меѓи/ ниеден патник не се вратил што ја збунува волјата/ и нѐ тера порадо да ги трпиме злата познати/ наместо кон нови да итаме за кои уште не сме чуле?/ Вака совеста прави кукавици од нас сите;/ и вака вродената боја на решителноста/ е премачкана од бледиот настап на умот,/ и потфатите од голема важност и итност/ го скршнуваат течението од своето корито/ и запаѓаат во беспаќе.“

23 април 2014 - 16:21