Гробиштата од „Добриот, лошиот и грдиот“ се вратија од мртвите

Нов документарец оддава признание на обожавателите на славниот шпагети вестерн, кои со макотрпна работа ја реставрирале локацијата каде се одвива неговата антологиска сцена.

По повеќе од 50 години, грст евра и безбројни патувања, едно од најпознатите гробишта во филмската историја е спасено од заборав. Целиот процес е тема на нов документарец, кој ја опишува акцијата за реставрирање на местото каде што се одвива кулминацијата на „Добриот, лошиот и грдиот“, онаа сцена на меѓусебно соочување на Клинт Иствуд, Ли Ван Клиф и Ели Валах, а придружено со музиката на Мориконе.

„На светов има само два типа луѓе, пријателе. Оние со наполнети пиштоли, и оние кои копаат. Ти копаш“, вели Иствуд во дел од сцената. Инспирирани токму од овие зборови, група филмски фанови минале две години во прекопување и градење на некогашните гробишта, за да изгледаат точно како во филмот.

Реалната локација за потребите на филмот на Леоне во 1966 била изградена од војници, во северната шпанска провинција Бургос. По снимањето едноставно била заборавена. Сè до моментот кога во кадарот не влегло Културното здружение за Сед Хил.

Со помош на донации и волонтери од Франција, Германија, Турција, Италија и САД бројот на членови на ова здружение бргу растело. Сите тие придонеле за расчистување на местото, за најпрвин да дојдат до славниот камен круг и неговите скриени гробишта, а потоа истите повторно да ги обележат.

Нивните напори се регистрирани во „Повторно ископаниот Сед Хил“ (Sad Hill Unearthed), документарец од шпанскиот режисер и филмски фанатик Гијермо де Оливеира. Тој самиот знаел често да посетува локации каде биле снимани неговите омилени филмови, па лесно се поврзал со ентузијазмот на овие луѓе. Една од идеите кои сосема го освоиле било тоа донаторите за 15 долари на гробиштата, кои патем се состојат од 5.000 гробови, да добијат крст, со испишано име или иницијали. Така, овие гробишта станале единствените во светот каде можеш да си го посетиш сопствениот гроб.

За потребите на документарецот Оливеира го интервјуирал Мориконе, како и големите фанови на филмот, Џо Данте - режисерот на „Гремлини“ и Џејмс Хетфилд -пејачот на Металика. По 10 месеци упорно инсистирање, добил видео и од Иствуд. Тоа било неочекувано прикажано пред премиерата на документарецот на самата локација, на што некои од учесниците бурно реагирале, плачејќи од среќа.

Сега Оливеира се обидува да собере пари за плаќање на правата за клиповите и музиката, за да може да го прикажува филмот и на фестивали. Тој вели дека тој е тестамент за незгасливото влијание на ремек-делото на Леоне, и обид да се објасни зошто неговите фанови се однесуваат речиси религиозно во врска со него. „Зошто некој кој работел цела недела би поминал осум часа на гробишта за викенд, а да не добие ништо за возврат? Ова е алтруизам во најчистата форма“, изјавил тој.