Феноменот на полиглотите

Гркот кој зборува 32 јазици

Во ерата на Гугл транслејт човечките полиглоти не престануваат да го привлекуваат вниманието и да предизвикуваат восхит. Еден од нив е Грк кој работи како преведувач во Европската комисија во Брисел. Не знаеме дали зборува македонски, но веруваме дека многу бргу би го научил. 

Клеопатра зборувала девет, поетот Џон Милтон десет а лексикографот Ноа Вебстер најмалку 20 јазици. Истражувачот Ричард Франсис Бартон наводно научил 29 јазици, од кој најмалку еден, сомалиски, од проститутките кои често ги дружел. Сепак историски најпознат е човекото кого Бајрон го опишал како „јазично чудовиште", ватиканскиот кардинал Џузепе Мезофанти. На три години тој веќе учел латински, старогрчки и француски, на 12 хебрејски, арапски, коптски и германски. Еден од начините на кои подоцна усвојувал нов јазик бил со тоа што замолувал некој да му ја кажува „Оче наш", споредувајќи ги зборовите но и ритамот на кажаното.

Феноменот на полиглотите е опишан во книгата на Мајкл Ерард, „Веќе нема Вавилон: потрагата по најисклучителните изучувачи на јазици во светот". Авторот не само што ги претставува историски најинтересните примери на „повеќејазичарство", туку пренесува и интервјуа со современи полиглоти од кои повеќето зборуваат барем шест јазици. Меѓу нив е и Јоанис Иконому, по потекло Грк, кој работи како преведувач во Европската комисија во Брисел, и во моментов зборува 32 јазици.

Современите полиглоти како Иконому ја постигнуваат нивната цел со многу патувања и создавање сопствен систем на учење. Според него, колку што новиот јазик е поразличен од оние кои веќе ги знаеш, толку е потешко да го научиш. Најтежок според него е мандаринскиот, кого го опишува како „Еверест на јазиците", заради неговата комплексност.

По потекло од Хераклион на Крит, Иконому почнал да учи различни јазици од тамошните туристи. На почеток на гимназијата веќе зборувал пет јазици, а почнал да учи руски кога за лектира им ја дале „Ана Каренина", која тој одлучил да ја прочита во оригинал. На неговиот список е и турскиот кого тој го научил од турски политички бегалец: „Нè учеа дека Турците се наши непријатели. Но моето семејство беше пацифистичко, и јас ја мразев омразата", вели тој.

И покрај тоа што со изучувањето на персискиот, хебрејскиот и санскритот стигнал до постдипломски на Колумбија и Харвард, и можел доколку сака да предава јазици на престижен факултет, тој сепак се одлучил за место во Европската комисија. Иако сите преведувачи таму се полиглоти, тој сепак се издвојува по неговата јазична умешност и начинот на кој ги изучува јазиците комбинирајќи ги најдобрите методи, како на пример со користење чешки метод за изучување асирско-вавилонски.

„Со денешната технологија нема изговори - сè што ви е потребно е волја", вели Иконому кој препорачува процес во три фази кој подразбира 15 минути дневно учење на кој и да е јазик. Првата фаза е усвојување на основната граматика, речникот и азбуката, преку користење јутјуб видео лекции, учебници и ЦД-иња. Втората фаза е нешто што тој го нарекува „нурнување", во која се почнува со читање весници и гледање телевизија на јазикот кој се изучува. Третиот е постигнување основна флуентност, изучување на историјата на земјата, слушање на нејзината музика и, секако, стекнување пријатели со кои нема да зборуваш англиски само затоа што така е најлесно.

11 август 2015 - 09:32