Голема фото-изложба на Уелбек во Париз

Неговиот последен роман „Покорување" (осврт тука) требаше да биде промовиран токму на денот кога се случи терористичкиот напад на Шарли Ебдо. Денес, кога сите го очекуваат исходот од можниот Брегзит, тој ноншалантно си отвара изложба. „Отсекогаш сум бил мајстор на тајмингот", вели со познатата камен-фаца.

Колекцијата фотографии на Уелбек е распоредена низ 18 простории во галеријата Пале де Токио, и вклучува портрети, еротски фотографии на жените во неговиот живот и „омаж" на неговиот најдобар пријател - кучето Клемент. Нему му е посветена цела просторија, во која со свои дела учествува и поранешната сопруга на Уелбек, Мари-Пјер, која има направено акварели на велшкиот корги. „Тоа е најавтобиографскиот дел од изложбата", вели тој. „Кучето е како дете, само што тоа никогаш не пораснува".

Во склоп на изложбата има и бар кој потсетува на клубовите за размена на жени во еден од неговите романи, каде посетителите можат да застанат на цигара и пиво - омилените пороци на писателот - и да размислуваат за празнината на модерното постоење.

На самиот почеток, до фотографија на „субурбаниот Авалон" - место близу Париз каде има пораснато, на ѕидот е наведена негов цитат: „Немав повеќе причини да се убијам во споредба со повеќето луѓе", што е вовед во понатамошниот циничен поглед на свет, кој сепак не е без хумор и без романтика. Неговите фотографии вклучуваат „пејсаж" во кој во ист кадар се замок на карпа и евтин супермаркет, детски игралишта до девојка за која тој вели дека била далечна инспирација за ликот на Естер во „Можноста на еден остров", во садо/мазо опрема.

Една од фотографиите одлично се спојува со датумот на отварањето на изложбата. Се работи за трговски центар под име „Европа" во Кале, кој Уелбек го посетил со членови на група која себеси се нарекува „баналисти". За разлика од голем број европски интелектуалци кои им пишуваа отворени писма на Британците молејќи ги да останат во Унијата, Уелбек се надева дека тие нема да го разочараат со тоа што - ќе заминат. „Уште од почетокот сум против европската идеја. Таа не е демократска. Баш би сакал Британците да си одат и да сигнализираат движење за независност".

Ова Уелбек го изјавува во подолго интервју за Фајненшл Тајмс, во кое открива и како настанале повеќето од фотографиите - пред да напише некоја сцена обично оди на местото и фотографира. И кога се работи за пишувањето, и за фотографирањето, нему не му недостасува самодоверба, иако истовремено сака да ги цитира стиховите на Иги Поп:

Може да го убедиш светот
дека си некаква супер ѕвезда
кога всушност си шупак.

23 јуни 2016 - 09:50