#твитерфилмскиклуб бр. 4

„Гнаса" (Filth, 2013)

Четвртото издание на филмскиот клуб го посветивме на филм правен според книга на Ирвин Велш, чии романи се како создадени за филмски „трипови". Еве како нè бендиса овој.

@JBurgundi

После овој филм сфатив дека кај Ирвин Велш уствари има одреден специфичен наратив. Сè кај него почнува хепи весело со смеење и полека почнува да пукаат моменти на параноја, која некаде пред крај завршува со пиштол во чело или шал околу врат на лустер или сечење на сопствената рака. Ама како и во претходните филмови според негови романи, така и тука на крајот сепак наоѓа некој магичен твист да направи, демек некоја хепи поука која остава некое чувство на надеж за подобро утре.

Filth инаку е класичен прирачник за менаџирање со човекови ресурси gone wrong!

И да не должам, една дилема ми остана молам да ми се разјасни. Дали кога се фураш дека си жена ти чијшто љубовник си ти кога го викаш неговото име при секс фактички се дереш на цел глас твоето име?

Кој инсепшн човече!

Супер филмче дефинитивно ќе го глеам уште еднаш...

@podzemnavoda

Филмот, Filth...Шо ти прави човекот во тебе понекогаш, те нервира како камче во чевел...Добро, доста со филозофирање! Сега кога ги имаме гледано Fear and loathing in Las Vegas, Jacob's ladder, Scarface, Trainspotting, Filth изгледа како веќе видено, и никако на истото ниво на претходно наведените филмови. Имаше свои моменти, ама за моментите не се дискутира. Убавото од Filth е тоа шо многу ме интересира каква е книгата, сè друго препуштам на милоста на вкусовите, мене ми горчеше.

п.с. Ме нервира кога трејлерот е подобар од филмот

@adoohoho

Секогаш спремен за динамиката и кулоќата на островските филмови. Ама не за сите. Посебно не за неколкуте последни на Гај Ричи и Дени Бојл. За разлика, "Филт" е забавен, многу ретко претенциозен нo постојано смешен, безобразен, интелигентно екстремен и улично умен. Нема да се преправам дека сум читал нешто од Ирвин Велш, ама може да се препознае жестината од "Треинспотинг." Напред Шкотска!

@qantarot

Има една англиска изрека која цел живот сум сакал да ја употребам на македонски, ама не сум знаел како да ја преведам. Изреката е chewing the scenery, и многу добро ја опишува глумата на James McAvoy, кој во Filth гризе сè околу себе со таков интензитет што се чини дека секој момент може да го изеде и четвртиот ѕид и да ни се втурне во дневна да нè силува. Дури подоцна ја дознаваме причината за оваа манична изведба и разбираме дека низ целиот филм тој всушност најмногу се јадел себеси.

Филмот е проткаен со насилство, секс, и дијалог на Irvine Welsh кој е толку идиосинкратичен што служи како најдобар аргумент зошто Шкотска заслужува независност. Гледајќи го Filth се чувствував како да набљудувам сообраќајна несреќа со крајот на окото, фасциниран од хаосот и обземен од чудна мешавина на љубопитност, гадење и сожалување. Како што би рекол Брус во моментот кога четвртиот ѕид е конечно скршен: Same rules apply!

@darjanr

Filth нè потсетува дека мангуплукот е измислен во Британија и дека можеш колку сакаш да си мангуп ама нема никогаш да бидеш мангуп како Британецот што може да биде мангуп. Во центарот на приказната е класичен антихерој со огромен дијапазон на најпрљави можни фори кои ги изведува толку природно што, додека се заљубувате во ликот, ќе почнете да размислувате дека можеби афинитетот кон луѓето е порив кој не се базира на тоа кој е добар а кој лош, туку на тоа кој е природен а кој не е. Ако истото размислување го пренесеме и на уметничките дела, со мирна совест може да заклучиме дека темата и контекстот очигледно му се мошне природни на режисерот, па тоа прави мошне лесно да развиете афинитет и кон филмот.

Единствени лизгави места во наративот се кадрите во кои емоцијата кај главниот јунак треба да избие на површина, но нив режисерот помалку или повеќе успешно ги решава. Бонусот е што после цела плејада филмови, од Клокворк Оринџ преку Трејнспотинг и Кидс, до филмовите на Гај Ричи, во кои мангуплукот е дежурен лајт-мотив, Filth сепак не остава време за „веќе видено" впечаток додека го гледате.

@Superman237

Брутална слика за човечката немоќ да се справи со реалноста, сопствените слабости и лични очекувања. Умот е како стакло. Еднаш се крши и после не се составува.

@neko_e

"Love is cruel, Chrissie. Love is cruel.
Same rules apply."

@IlinaBookbox

Најјако во филмовите каде главниот јунак е класичен кретен е да одбереш актер кој ќе биде истовремено толку кршлив, синоок и симпатичен во своите подлости, што гледачот да не може а да не навива за него. Токму тоа се случува и во Filth - кога филмот ќе заврши нема да се сеќавате толку на дрогата, промискуитетот и местенките кои се од епски размери, колку на очајниот обид на еден човек (кој некогаш можеби сте биле, или ќе бидете и самите) да состави приказна која ќе има смисла од распаднати делови од неговиот живот. Кога тој сепак на крајот ќе се качи на столчето за да се обеси, ви иде да му викнете „Немој бе пе'ер".

23 август 2014 - 13:36