Уличен театар во Богота

Глумење сообраќајна култура, буквално

Јавните кампањи не мора да бидат ни скапи, ни тупаџиски. Сè што ти треба е актерска трупа и креативна идеја. 

Јавниот сообраќај е социјално „буре барут" кое може секој момент да експлодира во градови со големи гужви и/или нервозни и невоспитани граѓани. Во оние побогатите властите истураат пари во кампањи кои треба да ги потсетат патниците на старите добри манири - отстапување седиште на постарите и немоќните или излегување од задните врати (кај нас овековечено во вокативното „мајсторе, задња"). Транспортните власти на Њујорк, на пример, оваа година потрошиле над 76.000 долари за да ги замолат луѓето да престанат да одат по шините на метрото и да се воздржат од ширење нозе кога седат (таканаречено „мажорасчекорување").

Во Богота можеби немаат толку пари за медиумски кампањи, но имаат добри идеи. На почетокот на оваа година градот ангажирал три актерски трупи чија задача било патувајќи со јавниот превоз да реагираат на несоодветните однесувања на патниците, „педагошки" да влијаат врз нив или едноставно да ги засрамуваат. Една од сцените предвидува актерка да држи бебе-кукла, и откако никој нема да и отстапи место да изглуми дека бебето ѝ паѓа од раце. Во друга актерот гласно зборува на мобилен за опасностите од неплаќање билет, дека некој што постојано се шверцувал бил удрен од автобус.

Ова е повторно оживување на постара идеја, промовирана од Антанас Комус, математичар кој два мандата бил градоначалник на Богота, помеѓу 1995 и 2003. За да излезе на крај со огромните проблеми и минималниот буџет, тој одлучил, како што самиот велел, да го менува „софтверот а не хардверот". Ја распуштил корумпираната сообраќајна полиција и ги заменил за некој период со 420 статисти, кои биле доволно обучени да го контролираат сообраќајот но истовремено ги исмејувале оние кои ги прекршувале правилата, а на возачите им давале црвени или бели картички за да ги казнат односно пофалат. Стапката на убиства во Богота во овој период опаднала за 70%, а смртните случаи од сообраќајки од 1,300 на 600 годишно.

Планот звучи генијално, иако не постојат статистики околу тоа колку навистина влијаел врз однесувањето на патниците и дали некој од актерите настрадал обидувајќи се да се вмеша во вопоставениот не-ред. Јавниот транспорт во Богота е рангиран како најлош во светот за жени, а дневно се смета дека дури 70.000 луѓе се шверцуваат без да платат билет. Но дури и на ниво на перформанс, звучи како добра идеја која може да се примени и во наши контексти - и така да се биде смирен и воспитан сè повеќе личи на извештаченост и нешто што може само со напор да се изглуми.

Прилог: Кодекс на однесување на патници на ЈСП

16 јули 2015 - 09:16