Глобалното раздавање колачи со оптимистични пораки

Од плажите на Рио до штала во Флорида, од шума во Финска до аеродром во Шангај, се одвива проект кој вклучува онакви кинески колачиња со ливче на кое се претскажува судбината.

Од крајот на мај до почетокот на јули низ светот се поставува „инсталација“ која се состои од купче колачиња со пораки поставени на различни места - на морски брег во Хавана, во гранапче во Бруклин, на поштенско сандаче во Ајова, во штала со коњ по име Фарго на Флорида, во затворен музеј во Мериленд, во стан во Рио кој гледа на плажата Ипанема, во народна кујна во Буенос Аирес.

Насловот на инсталацијата е „Ќоше со колачиња“ на сега починатиот кубанско-американски уметник Феликс Гонзалес Торес, а е организирана од страна на неговата галеристка, Андреа Росен. Во 1990 таа ја отворила својата галерија во њујоршки Сохо со изложба на Гонзалес-Торес. По 27 години, ја затворила за да се фокусира на неговото наследство.

Идејата за оваа конкретна поставка ѝ дошла за време на пандемијата, кога почувствувала потреба за која претпоставувала дека ја имаат многумина - за физички контакт со уметноста. Испратила 1000 покани на луѓе со упатства за инсталирање на делото, на пример тоа дека волонтерите треба сами да ги купат или направат колачите и дека во нив треба да се стават оптимистички пораки.

Слична инсталација Гонзалес-Торес направил во 1990, две години откако неговиот партнер бил дијагностициран со ХИВ. Поттикнат од чувството на губење на близок човек, тој произвел серија совршени, убави форми кои полека исчезнуваат - на пример купови постери, поставени во галерија како флаери кои се намалувале во текот на времето, како што ги земале посетителите. Слично на тоа се замислени и купчињата со колачи. Оригиналната инсталација подразбирала 81 килограми колачиња на различни локации, колку што бил тежок партнерот на авторот. Ова подразбира врска помеѓу слатките и телото, како светиот сакрамент во христијанството.

Но колачињата исто така со себе носат надеж - ветување за идни убави настани во пораката која ја содржат. На времето тоа била надежта за победа над сидата и надминување на табуто за контакт со заболените од неа. Денес тоа е коронавирусот.

11 јуни 2020 - 17:23