Букбокс гледаше

„Слепило“ (2008)

Направен според романот на добитникот на Нобеловата за книжевност, Португалецот Хозе Сарамаго, овој филм е дистописка алегорија за човечката состојба. Онаа во којашто се наоѓаме во моментов.

„Оставете ги, тие се слепи водачи на слепци:

а кога слепец води слепец, обата ќе паднат во јама“

Евангелие според Матеја 15:14

Откако мистериозна епидемија на „бело“ слепило почнува да зафаќа неименуван град, властите на сила ги затвораат заболените во карантин, во кој владеат страшни услови, а кои само се влошуваат како што бројот на ослепени луѓе во него се зголемува.

Помеѓу нив се еден очен лекар и неговата сопруга, која на чуден начин го задржува видот, но глуми дека е слепа за да може да биде покрај својот маж. Таа ќе одигра клучна улога во ослободувањето на оние во карантинот во моментот кога ќе поведе бунт против самопрогласениот „крал“ на Одделот број 3, кој со својата банда приврзаници ја презема контролата над храната. Најпрвин барајќи од затворените пари и скапоцености во замена за неколку конзерви, а потоа одземајќи им го последното што им останува - достоинството - со тоа што во замена за храна им ги бара жените, тој добива ножица во врат од единствената која гледа.

Неименуваната жена потоа ја води групата надвор од карантинот, кого всушност веќе никој и не го обезбедува, во запустениот град во кој е во тек вистинска борба за преживување, со мртви тела на улиците кои ги раскинуваат гладни кучиња и подеднакво распаднат општествен поредок. Неколкумина завршуваат во домот на лидерката и нејзиниот маж-доктор, каде успеваат да се искапат на дождот, да се пресоблечат во чисто и прв пат по долго време цивилизирано да вечераат. Наскоро еден од нив, всушност првиот кој во филмот го загуби видот, почнува да гледа. Тоа дава надеж дека наскоро ќе прогледаат и останатите. Над градот како да огрева некое ново сонце.

Книгата на Сарамаго е нешто помеѓу дијагноза и предупредување. Човештвото е заслепено од алчност, нарцисоидно зјапа само во себе и не го гледа дури ни она што е пред неговите очи. Водачите се подеднакво заслепени од моќта, какви што се и нивните поданици, кои се подготвени да се спуштат до моралното дно за да сочуваат гола кожа. Во такви услови само оној што „гледа“, согледува, проценува, но и одлучно презема акција, може да направи промена, и на слепите да им го покаже патот кон поцивилизирано општество, во кое не само што човек на човека нема да му ги вади очите, туку и нема самиот да биде слеп за она што се случува околу него.

Филмот верно ја следи книжевната нарација, но е далеку од убедливоста и моќноста на романот. Актерите се несреќно одбрани, особено главниот лик на „лидерката со визија“, која ја игра Џулијан Мур, која многу механички и без вистинска харизма на водач се пробива низ филмот. Епидемијата на „бело“ слепило, кое прави заболените да гледаат како низ маглина а не целосен мрак, е симболично прикажан со таква светлина низ целиот филм. Но ова пак непотребно го естетизира хоророт на слепилото, како во некаков музички спот со вештачка магла од осумдесетите. Режисерот Фернандо Мејрелес има и подобри филмови - City of God (2002) и The Constant Gardener (2005) - за кои има добиено куп награди, но со овој не му прави услуга на делото на Сарамаго и на неговите идеи. Идеи и предупредувачки пораки кои од времето кога е прв пат објавена книгата, во 1995, не само што не губат на актуелност, туку стануваат уште поитни.

18 декември 2016 - 21:02