Букбокс гледаше

„Елвис и Никсон“ (2016)

21 декември 1970. Елвис ненајавено се појавува на еден од влезовите на Белата куќа и бара прием кај претседателот. Историски, епизодата е автентична. Филмски, таа е многу симпатична.

„Кој ми го смести ова, да в’ибам?“, луто им с’ска 37-иот претседател на САД, Никсон (Кевин Спејси) на неговите асистенти, кога овие го известуваат дека Кралот лично доставил рачно напишано писмо, во кое бара не само средба, туку и позиција на таен федерален агент, преку која би можел да ѝ помогне на татковината да излезе на крај со сите зла на тогашницата, меѓу кои и..хм..дрогата.

До денес никој не знае точно како на Елвис му паднала на памет оваа бизарна идеја. Додуша, бил колекционер на оружје и на полициски беџови од разни локални полициски единици, а според автобиографијата на Присила Присли, „Елвис и јас“, оној од федералниот оддел за наркотици го сметал за ултимативeн трофеј. Секако, не можело да штети и тоа што со него можел да избегне и малтретирање по аеродроми заради носење пиштоли и дроги.

Неговата опседнатост со идејата започнува неколку дена претходно, кога татко му, Вернон, му замерил што потрошил 100,000 долари на божикни подароци, меѓу кои 32 парчиња оружје и десет мерцедеси. Елвис индиспониран од муабетот сам заминува на аеродромот во Мемфис, се качува на првиот авион и заминува за Лос Анѓелес. Таму во три наутро го повикува Џери Шилинг, неговиот долгогодишен помошник, и без да му објаснува зошто го моли да му прави друштво до Вашингтон. Во авион до таму го пишува писмото до Никсон, во кое го известува дека ќе отседне во хотел под псевдонимот Џон Бароуз, и дека ќе биде таму онолку колку што е потребно за да ги добие привилегиите на федерален агент.

Шест и пол наутро е (целиот филм се одвива во текот на само еден ден), и Елвис и Џери лично го доставуваат писмото на обезбедувањето, кое колку и да се обидува да изигрува професионалност е восхитено од средбата со легендата. Така реагираат и сите вработени во Белата куќа, особено личните асистенти на Никсон, кои не можејќи од прва да го убедат претседателот дека средбата со иконата на поп културата ќе донесе огромни поени, особено кај младите, се служат со поинаква тактика -  ѝ се јавуваат на една од ќерките на Никсон, обожавателка на Присли, и таа врши притисок врз таткото, да го прими Елвис во Овалниот кабинет.

Тука почнува најсмешниот дел од филмот - Спејси, брилијантен во карикатуралната изведба на Никсон, најпрвин нормално се поставува како алфа мажјакот во односот, ама Елвис, и покрај тоа што е дојден да моли, не попушта. Се појавува во кадифена наметка (во реалноста наводно пурпурна, во филмот нешто како црна), со големи очила и појас со нападна златна тока, и прави ама баш сè што претходно е опоменат да не го прави - седнува не на одреденото место за гости туку каде што му се допаѓа, ги јаде М&М бонбоните оставени на масата кои се исклучиво за претседателот, и не е расположен да се слика со него. Навидум средбата е осудена на пропаст. Но низ дијалог кој повеќе се одвива помеѓу редови, тој успева да го освои Никсон, кому сепак му импонира присуството на некој толку кул колку Елвис, кој бара да му се учини.

Неколку часа подоцна, во хотелот Вашингтон, Елвис дава заклетва и го добива беџот. Наводно никогаш подоцна не добил задача како таен агент, и целата приказна останала само на овој негов каприц, и на историската средба помеѓу рок ѕвездата и претседателот, овековечена на црно-бела фотографија (горе), која е една од најбараните од Американската национална архива.

На филмот, и покрај сета шармантост, може да му се замери за две, поточно за една и пол работа - Мајкл Шенон физички воопшто не потсетува на Елвис, па треба да помине доста од филмот за да му простите за ова, на сметка на добрата глума и фатениот маниризам на Кралот (карате потезите, одот, ставањето на наметката). Тоа е половината. А едната цела работа е што никаде во филмот не се слуша музиката на Елвис. Поп-рок хитови од тоа време има, но ниту еден негов. Можеби е некаков проблем со авторски права, или намерно одвлекување на вниманието од музиката на сметка на приказната, но некако ни фалеше барем едно Лав ми тендер упатено до Никсон.

Претседателот почнал да ги снима сите разговори во Овалниот кабинет кратко време потоа, од 16 февруари 1971. Можеби е и среќа што оваа негова средба не е документирана од збор до збор.Така, тоа остава простор и за малку хумор и фантазија.

12 септември 2016 - 10:07