Отворен Тејт Сензориум

Галерија во која ти нудат чоколадо додека гледаш слика

Лондонскиот Тејт денес ја отвара долго најавуваната изложба која истражува дали вкусот, допирот, мирисот и звукот го менуваат начинот на којшто ја искусуваме уметноста.

Вообичаено кога ќе влезете во музеј или на изложба од вас се бара да не јадете, да не пиете, ништо да не допирате и да бидете што потивки. Но оваа изложба е поинаква, таа користи технологија за да ги стимулира сетилата, со мириси, вкусови, звуци и допири. На влезот, којшто е бесплатен, ви ставаат сензор околу раката кој регистрира електродермална активност (главно колку се потите од возбуда), а на излезот ве очекува тим којшто ви поставува прашања во врска со искуството.

Одбрани се осум слики од модерната британска уметност, со тоа што додека ја гледате онаа од Бејкон ви се нуди чоколадо, пред големиот црн круг на Џон Латам ве очекуваат ултразвучни воздушни треперења кои ги чувствувате на рацете, а во друга просторија има звуци на меури кои пукаат пред сликата со живи бои на Дејвид Бомберг. Интересно е објаснувањето за чоколадото - одбрано е такво кое има малку погорчлив вкус, кое на некои луѓе ќе им се допадне, а на некои ќе им биде одвратно. Исто е и со уметноста, велат организаторите, која не секогаш се прави за да „се допадне", или „да биде вкусна", туку за да поттикне размислување.

Проектот ја доби годишната ИК награда која ја доделува галеријата за идеи кои користат технологија за да ѝ овозможат на публиката да ги искуси збирките на Тејт на нови начини. Изложбата ќе трае до 20 септември.

26 август 2015 - 10:19