Нас не не тангира

Французите лути што правописот им се упростува

Иако изгледа како мала работа, ставањето акцент, дури и тој еден што најчесто се користи во македонскиот, знае да биде многу досадно за некој којшто произведува текстови секој ден. Сме се фатиле како наместо сè пишуваме „сето тоа" само за да го одбегнеме. Ако вака снеможуваат и најагилните во македонскиот, што останува за просечните Французи?

Најновата бура во редовите на Французите нема врска со тероризам или со домашната економија туку со - јазикот. Во септември, со почетокот на новата школска година, ќе стапи на сила промена во начинот на пишување на скоро 2,000 француски зборови, кои ќе бидат користени во учебниците, но и во службената комуникација и во медиумите.

Промените најмногу ги засегаат акцентирањата кои стануваат опционални наместо задолжителни, како на пример употребата на тн. „сиркумфлекс" (она ко капче што го има и во некои македонски зборови, како ôд - ни требаа пет минути да го најдеме), но и правилата за пишување на поголем број зборови. Меѓу нив најмногу солзи се пролија за кромид, кој наместо традиционално oignon, сега ќе се пишува ognon.

Интересно е што пионер на целиот концепт е институција којашто во принцип позната како конзервативна - Француската академија на науки. Таа ги предложи промените во 1990, а тие сега само почнуваат помасовно да се применуваат, и тоа со „декрет“ на тамошното Министерство за образование.

Реакциите особено беа остри на Твитер, каде под хаштагот #JeSuisCIrconflexe (асоцијација на „Јас сум Шарли"), оние кои Гардијан побрза да ги нарече „јазични пуристи" (читај: Британците фаќаат сеир), велат дека ваквата промена ги поткопува темелите на француската култура и промовира површност и медиокритетство. И не само тоа, туку има и практични примери каде значењето многу зависи од тоа капчето, како во случајов:

(Јас сум сигурен дека твојата сестра наспроти Јас сум врз твојата сестра..)

Се сеќавам на ситуација кога тој еден акцент можеше да влијае врз исходот на еден судски спор - обвинетиот тврдеше дека „не обврзува" во една изјава не се должи на невпишан акцент туку е негација, што значи дека тој не е обврзан на она на што инаку требаше да биде. Не дека тоа многу му помогна, ама ете, му текна.

Еве ги другите промени

5 февруари 2016 - 09:51