Фото-елегија за земја која ја нема

Книгата „Ју: загубената земја" на Драгана Јурисиќ е фото-хроника на нејзиниот некогашен дом и оживување на искуствата поврзани со него. Била и во Македонија.

„Приказната за мене како фотограф почнува на денот кога станот на нашето семејство изгоре заедно со илјадници слики и негативи на татко ми, аматер-фотограф. Тој ден станав еден од оние бегалци без фотографии и без минато. Настаните и ликовите пред таа недела во септември 1991 сега се или непостоечки или многу бледи. Во меѓувреме ја сфатив моќта која ја има фотографијата за помнењето - вели Јурисиќ на својот сајт.

(Хотел Југославија, Белград)

Нејзината книга почнува со мапа на некогашна Југославија, на која е обележана траекторијата по која патувала писателката Ребека Вест во 1937, а која во периодот 2011-2013 ја следела самата Јурисиќ. Резултат на патувањата на Вест беше славната „Црно јагне сив сокол", патепис и портрет на Југославија и на Европа на работ на Втората светска војна на над 1000 страници, што се смета за едно од ремек-делата на 20 век (кај нас за жал преведен само делот за Македонија).

Мапата, стана анахрона кога во 1991 Југославија се распадна, и кога според Јурисиќ „најмалку еден милион и петстотини илијади Југословени исчезнаа, како жителите на Атлантида, во областа на замислените места и луѓе". Една од нив е и авторката, родена во Славонски Брод како дете од мешан хрватско-српски брак, која по завршувањето на студиите од областа на уметноста во Велс сега живее во Даблин, Ирска. 

(Загреб, Стари град)

Фотографиите се придружени или со цитати на Ребека Вест кои делуваат сосема свежо, како да се пишувани денес, или со коментари на самата Јурисиќ. Еве ги оние за Скопје:

„Целата земја е покриена со бежичен интернет. Целосно. Почнав пак да пушам тука. Тешко е да не го направиш тоа. Главниот плоштад е загаден со пресмешни споменици налик на волшебникот од Оз. Дизниевска уметност наспроти инфраструктура. Јасно е што доминира. Нација во криза. Знамиња насекаде'".

Месноста Говедарев камен (Овче поле), кој се смета за чудотворен за неротки, и каде за време на Ѓуроѓовден се принесува жртва. Ребека Вест на времето го искоментирала обредот на следниов начин:

Добро го познавав овој камен. Живеев во неговата сенка целиот живот. Целата наша западна мисла е базирана на ваквата лажна претпоставка, дека болката е соодветната цена за што и да е добро" 

11 септември 2015 - 09:45