Кант како Пикасо

Филозофско-сликарски мешап

Интересна комбинација на филозофи и сликари, базиран врз сличностите во нивниот светоглед. Штета што не го искористиле Ворхол, тој би легнал на еден куп поп-филозофи од земјата и странство.

Рене Јоргенсен Болингер (Renée Jorgensen Bolinger) е студентка по филозофија на Универзитетот Јужна Калифорнија. Работи во областа на филозофија на јазикот, логиката и политичката филозофија. Но таа исто така и слика. Најновиот проект ѝ се портрети на славни филозофи насликани во стилот на исто толку славни уметници.

Изборот на паровите уметник/филозоф не е случаен - Болингер бара некаква скриена или очигледна врска помеѓу нивните ставови во врска со уметноста и животот. Еве ги сликите и објаснувањата.

„Јаството е однос кој се поврзува себеси со сопственото јаство..." - Кјеркегор во стилот на Рој Лихтенштајн. (горе)

Витгенштајн во пар со Пит Мондријан, заради нивните слични ставови во врска со логиката на просторот.

Гертруда Елизабет Маргарет Анскомб, ученичка на Витгенштајн, позната по таканаречената филозофија на акцијата, во стилот на Џексон Полок, наречен и „акцијско сликање" (action painting).

Готлиб Фреге, во „Ѕвездената ноќ" на Ван Гог, заради семантичката заврзламана Фреге околу Хесперус и Фосфорус, Венера и како ѕвезда вечерница и како деница. 

Бертранд Расел/Арт деко, заради структурите (кај Расел во „Принципи на математиката" на математичките искази, кои според него ја одразуваат граматичката структура)

Курт Гедел во арт нуво стил, заради закривеноста на формите.

Кант со Пабло Пикасо, заради тоа што двајцата биле фиксирани врз природата на перцепцијата на надворешниот свет.

Вилард ван Орман Квајн со Салвадор Дали, заради нивната опседнатост со пустинските пејсажи.

За повеќе тука.

3 септември 2013 - 08:47