Феноменот на „фолклорен четврток" на Твитер

Хаштагот #FolkloreThursday го имаат покренато три пријателки од Британија, по професија археолог, историчар и фолклорист. Нивната идеја: социјалната мрежа да се искористи за промовирање на традиции, кои се или веќе исчезнати, или полека исчезнуваат.

Јапонски кукли кои на празникот хинамацури се пуштаат по вода за да се смилостиват злите сили, верувањето дека крекањето на три жаби е сигурно наговестување на бура во Централна Америка, или ирското верување дека седмата ќерка на седма ќерка има исти моќи и статус како и син - сите овие информации се слеваат преку наведениот хаштаг, секој четврток, на профилот @FolkloreThurs. Доколку не сте на Твитер, сега има и и сајт, на кој малку подетално се разгледуваат теми и стории кои биле начнати на социјалната мрежа, на која профилот постои од јуни 2015.

„Фолклорот традиционално е орален жанр", вели Ди Ди Чејни, една од иницијаторите на Твитер профилот. „Голем број извори се изолирани во универзитетски библиотеки, или во списанија кои се прилично скапи. Читањето на блогови на луѓе заинтересирани за темата често е подобар начин отколку копање по купишта хартии", заклучува таа. А сега истото може да се прави и на Твитер.

Зошто токму четврток е одбран за ден за твитање на фолклорни теми? Без некоја посебна причина. Но многу бргу по воспоставувањето на хаштагот некој рекол дека тоа е многу значаен ден во норвешката традиција. Ние веќе испративме нешто од македонскиот фолклор, во којшто има материјал за многу четвртоци.

26 мај 2016 - 16:40