Еуклид Цакалотос - грчко-британски марксист и лев аристократ

Признаваме дека кожните јакни и мускулестото торзо на Варуфакис веќе ни недостасува (*ова го пишува женскиот дел од офф.нет). Ама и биографијата на новиот грчки Министер за финансии не е за потценување. Меѓу другото има напишано и шест книги. Каде ги вадат бе вакви интересни?

Еуклид Цакалотос е роден во Ротердам, студирал економија, политика и филозофија на престижни британски универзитети, а докторирал економија на Оксфорд. Предавал на Атинскиот и на Универзитот Кент и е автор на шест книги.

Една од нив, објавена во 2012, „Вртлогот на отпорот: Грција, еврозоната и светската економска криза" во коавторство со Христос Ласкос, тврди дека во последните две децении Грција има минато низ нео-либерална модернизација, што е главната причина за зголемувањето на социјалната нееднаквост и за длабоката финансиска криза, истата онаа за која европските сили велат дека е по вина на Грција. Но ваквата реторика според авторите е само идеолошка алатка која се користи за свртување на вниманието од реалностите на глобалниот капиталистички економски поредок.

И покрај ваквите ставови, заради кои Цакалотос е опишуван како „грчко-британски марксист", благодарение на големото наследство на татко му, самиот тој има прилично голем недвижен имот, а гласините велат дека поседува и портфолио со акции вредни околу милион евра. Заради ова неговите грчки критичари го нарекуваат „лев аристократ" или „шампањ-социјалист".

За разлика од Варуфакис, Цакалотос не е аутсајдер во Сириза, во партијата е скоро десет години, а од 2012 и член на парламентот. До сега беше заменик министер за надворешни работи, а од април и координатор на преговарачкиот тим помеѓу Грција и меѓународните кредитори. Неговото доаѓање на местото на Варуфакис можеби и не е суштинска промена, туку повеќе работа на настап и карактер, што не е неважно кога се во прашање дипломатски преговори за судбината на една банкротирана држава.

7 јули 2015 - 18:35