Ерик Јаросински или @NeinQuarterly во Скопје!

Се сеќавате на „пропаднатиот интелектуалец" - универзитетскиот професор, кој стана славен откако почна да твита за своите академски фрустрации? Епа, нa 4 jуни доаѓа во Скопје, за интелектуално да нè воздигне.

Од пред повеќе од две години кога пишувавме за него, до денес, Јаросински има издадено книга со неговите твитови под наслов „Најн. Манифест" и го има прошетано половина свет, промовирајќи го „даунот" како активен и, колку и да звучи иронично, ангажиран светоглед. Затоа што неговите твитови не се само луцидни игри со зборови и леле-колку-сум-начитан став кон остатокот од стереотипно (а богами и реално) неначитаните социјални мрежи, туку и политички и социјален коментар на голем број актуелни настани.

„Да, ќе речеме. Сатира. Тоа беше најблиското што го имавме до вистината", искоментира тој по можната затворска казна со којашто се соочи германски водител заради критикување на Ердоган. Такви се и неговите неделни „колумни" за Ди Цајт, кои се состојат од коментари во должина од четири твита, и имаат функција на „политички карикатури со текст".

Но притоа не е ангажиран само нивниот автор, туку на тоа е поттикнуван и читателот. Референците, асоцијациите и пародизирањето на класичната литература, филозофските идеологии или поп-културните референци не се секогаш очигледни, но го имаат ефектот на „аха!" откако еднаш ќе се дешифрираат. Како впрочем и секој добар виц, само што повеќето од овие воопшто не се смешни.

„Читај го Борхес, додека си го остриш интелектот. Читај го Вајлд, додека си го остриш јазикот. Читај го Достоевски, додека си ја остриш секирата" - вака гласи еден од твитовите на Најн. Следете го на Твитер, и дојдете на опуштен нихилистички муабет со него, на 4ти јуни во 20 часот во Кинотека на Македонија, без карти, пари и резервации. Само за да си го изострите „не"-то.

26 мај 2016 - 11:39