Кога ќе тргнеш по паметот на Гугл

Експерименталната музика на Јанис Киријакидес

Се случува некои од луѓето што пишуваат на сајтов да се фатат за една тема (Русија, диета, бегалци, Џони Кеш, диета) и да ја тераат како да се работи за посебна рубрика, што заради ќеф, што заради феноменот на пишувачко-когнитивен „тунел", од кој кога еднаш ќе завлезеш тешко се излегува. Во Букбокс така од време на време се занимаваме со Грција и со грчката уметност. Едно гиро бар да почастеа..

Сè почна од веста дека на 92 години починал Јанис Киријакидис (по наше Јане Неделковски), легендарниот фото-репортер, кој повеќе од седумдесет години сликаше важни настани и фаци, од палестинскиот лидер Јасер Арафат, оперската дива Марија Калас или францускиот претседател Шарл де Гол.

Но едно did you mean.. на Гугл нè однесе во сосема друг правец - сајтот на Јанис КирикијадЕс, композитор и музичар од Лимасол, Кипар (не е Грција, ама блиску е), роден 1969, кој денес живее во Холандија. Има напишано над сто композиции, за театар, камерни оркестри и големи ансамбли, како и една опера. Се заслушавме во неговите соработки со гитаристот од Шкотска, Енди Мур, кој пак свири панк рок, но и обработки на традиционална еврејска, грчка и руска музика.

Една од нивните соработки е албумот „Ребетика", кој се состои од седум композиции базирани на „грчкиот блуз", како што ја нарекуваат оваа грчка традиционална музика. Има тука и електрични гитари, и бузуки, и семплови на изгребани винили, атмосфера на зачадени кафани и заборавени времиња и простори. Еве една од нив, слушнете сами:

Rebetika - A School Burnt Down (Изгорено школо)

За потребите на проектот „Брисел ни припаѓа нам" кој се состои од конзервирање на „соничната меморија" на белгискиот главен град преку собирање усни сведоштва и звуци, Киријакидес го има направено и експерименталниот албум „Без зборови". Тој интервјуата со жителите на Брисел ги има така деконструирано што од нив е останато сè освен зборовите. Има тука и воздишки, и смеење и улични звуци и подголтнувања - невербален наратив за она што зборовите во интервјуата не го кажуваат.

Wordless - Sociologist_0158

Ете како еден случаен (?) наод на Гугл може сонично да ти го збогати денот..