За дупконосечките ентитети

Дупка, колку тоа исполнето звучи

Дали може да ја купиш крофната, а дупката да ја оставиш во продавница? Дали отсуството е нешто материјално, или само метафизичко? Се бавиме со вакви сериозни прашања додека истовремено жалиме што од сите работи со дупка што се јадат (ѓеврек, похован кромид, куглоф), во моментов ние ја имаме само дупката.   

Сајт на којшто заглавивме денес е „Неверојатни истражувања" (Improbable Research), двомесечник за научен хумор и сатира, каде се објавуваат квази-научни истражувања на необични и неочекувани теми, како и резултати од фиктивни и апсурдни експерименти. Списанието ја доделува и познатата Иг нобелова награда, за десет достигнувања годишно, кои „најпрвин ги тераат луѓето да се смеат, а потоа да мислат".

И навистина, темите понекогаш се далеку попросветлувачки од некои на коишто сме наишле во „нормалните" научни списанија. Една од нив се однесува на дупката во крофната и нејзините импликации.

Крофната, според текст од 10 страници на професор кој предава филозофија на Универзитетот Колумбија, објавен во 2001, е едeн од таквите „дупконосечки ентитети", кои се дефинирани токму од отсуството. „Крофната секогаш има дупка. Ако можете да смислите исклучок, тогаш тоа едноставно не би била крофна. Крофните без дупка се како округли квадрати или неженети сопрузи - концептуална бесмисла. Дали тоа значи дека со крофната вие всушност купувате две работи, она што се јаде, плус малото парче празнина на средината? Не можете да ја земете крофната и да ја оставите дупката во продавницата. Како може да ја елиминирате ништоста?"

Крофната и дупката се тема на расправа и во текст од 2012, под наслов „Да се биде позитивен во врска со негативни факти", објавен во списанието Philosophy&Phenomenological Research. За да покаже дека „негативните факти постојат во вообичаената смисла на постоење" професорите од Универзитетот Нотингем доаѓаат до сличен заклучок како и претходниот автор:

Дупките претставуваат филозофска загатка и, веројатно како резултат на нивната мистичност често се третирани како нематеријални ентитети. Па сепак, ние можеме да ги видиме дупките, јазовите, процепите и сличните на нив. Оттаму, сфаќањето на дупките како нематеријални објекти според нас е како да мислиш на негативното како на метафизичко зомби. Дупки се сепак материјални ентитети - ако постои дупка на крофната, тоа значи дека има простор во кој тестото завршува, а потоа тоа завршување е интимно поврзано со празнина.

Ова, заедно со описот на третманот на крофната преку учењата на овие 16 филозофи, покажува колку сериозно треба да се пристапи на темава. Ги пренесуваме како да се за ѓеврек, ќе се изненадите колку е неверојатно слично:

Хераклит
Не можеш да изедеш два пати еден ист ѓеврек

Платон
Сите ѓевреци споделуваат идеал на „ѓеврекавост"

Лок
Ѓевреците ми се вкусни.

Хјум
Ѓевреците постојат затоа што јас замислувам ѓевреци

Мил
Ѓевреците се добри ако ги усреќуваат луѓето

Маркс
Секој заслужува ѓеврек

Симон де Бовоар
Патријархатот е одговорен за обликот на ѓеврекот.

Бонус - химна за Охридскиот ѓеврек, чија дупка е најслатка

 
24 август 2015 - 16:37