Амперсанд и маникул

Древни корени на интерпункцијата

Пред некое време ви ја претставивме кратката историја на знакот за нов пасус. На ред се уште два - едниот го имате на тастатурата, вториот ќе мора сами да си го нацртате.

Амперсанд

Првиот регистриран амперсанд - ракописна мешавина од буквите Е и Т од латинскиот збор за и, et- бил изгравиран во помпејски ѕид од страна на анонимен графити уметник околу првиот век од нашата ера (слика горе). Со текот на времето тој станал вообичаен симбол: до деветнаесетиот век влегол во наставата за основно и на децата им се предавал како 27. буква од азбуката. 

Сепак, тој имал и ривал - постарото тиронско 'et' (слично на бројот седум) создадено во првиот век пред нашата ера од Маркус Тулиус Тиро, секретар на славниот римски оратор Цицерон, било добро етаблирано како дел од неговиот стенографски систем, Notae Tironianae, кој се состоел од 5,000 знаци. Toj продолжил да постои и во готичките верски текстови на средниот век, но тука некаде и исчезнал. Во меѓувреме ампресанд-от продолжил да се користи и во ренесансна Италија, добивајќи ја денешната позната форма. Единствено место каде се уште може да се сретне тиронското еt се сообраќајни знаци во Ирска.

Маникул

Во неговиот есеј „Кон историјата на маникул" од 2005, професорот Вилијам Х. Шерман, единствениот историчар на овој знак, напиша дека помеѓу 12-18. век маникул бил најверојатно „највообичаениот симбол кој се пишувал за и од страна на читателите, на маргините на ракописите и печатените книги". Најпрвин е регистриран во „Книгата на судниот ден" (Domesday Book) во 1086, а неговотo име означува "мала рака".

Подоцна, нацртан во најразлични стилови но секогаш така да потсетува на раче, тој се користел за обележување на интересни места во текстот. Со подемот на печатењето од петнаесетиот век почнал да се занемнува со печатени верзии на истиот симбол, како * или †. Знакот кој во стариот англиски сленг се нарекува „овчја тупаница" го заменил маникулот, а подоцна тоа го сторила фуснотата. Денес тој ретко се користи во печатени дела, често за дизајнот да евоцира некаков ретро стил, но се уште се појавува на налепниците „да се врати на испраќачот" на поштата на САД.

извор: „Тајниот живот на интерпункцијата и симболите" од Кит Хјустон

10 септември 2013 - 08:31