Домашна журка со жива класична музика

Групмјуз е компанија која најмува млади, класично образовани музичари или студенти кои на повик доаѓаат дома и одржуваат мали концерти. Основана во 2013, таа денес ангажира над 1200 инструменталисти.

Музичарите ангажирани на овој начин вообичаено изведуваат два сета од по 25 минути - првиот е секогаш класика, а вториот нешто по „лајт“, како на пример аранжмани за жичани инструменти на песни од Ганс енд роузис.

Начинот на којшто тие се пријавуваат е едноставен - аплоудираат парчиња нивна изведба на профил регистриран на Групмјуз, а внатрешниот тим на компанијата одлучува дали ќе бидат прифатени. Потоа се бара домаќин кој би сакал да отстапи простор за концерт, само за негови пријатели или за поширока публика. За десет луѓе доаѓа соло изведувач, а квартет во простор кој може да собере 50 слушатели.

Секоја недела се одржуваат околу 20 Групмјуз настапи низ САД, главно во Бостон, Њујорк и Сиетл. Цената е 10 долари по слушател, па музичарите заминуваат дома со, во просек, 160 долари.

За младите музичари ова сепак не е само за пари - вистинската корист е свирењето во живо пред мала публика. „Во 90% од концертните настапи качени сте на сцена со затемнети светла, оддалечени од слушателите, без чувство што доживуваат тие“, вели еден виолинист кој свири на вакви настани веќе две години. „Друго е кога публика од 15 души седи на подот во дневната пред вас, и можете да ги слушнете како дишат“.

Истовремено, на овој начин се пристапува на поширока публика - не само на некој претплатен на сезона во Њујоршката филхармонија, кој однапред знае како би требало да звучат „Брандербуршките концерти“ на Бах. Повеќето од 250,000 луѓе кои присуствувале на Групмјуз рецитал не можат да го разликуваат Шуберт од Шенберг.

„Демографијата“ на ваквата публика, во 70% од случаите, се луѓе родени во 1980-тите и 90-тите. И ова многу се разликува од вообичаените слушатели на концертите на класика, кои во просек имаат околу шеесет години. На овој начин се инвестира и во иднината на класичната музика, која инаку нема да има кој да ја слуша, освен оние кои веќе ја свират. Кога младите не одат во концертните сали, зошто музиката да не дојде кај нив?

17 октомври 2016 - 16:33