Доделени Пулицеровите награди за уметност 2014

Вчера (14.4) беше доделена Пулицеровата во неколку уметнички категории. Очекувано, наградата за белетристика ја однесе Дона Тарт за „Трнарче" (Goldfinch). Жирито во оваа категорија годинава се утепа од читање, бидејќи вкупниот број страници на трите книги кои влегоа во најтесниот избор е 2,000.

Универзитетот Колумбија кој ги објавува добитниците на наградата, на Твитер направи коректорска грешка, па во првиот твит објави дека победникот во категоријата роман е „Златната рипка" (The Goldfish). Исто како и нам кога во насловот на статијава ни дојде на пишеме „Пуцилер".

Романот од 784 страници на Дона Тарт е опишан како „дикенсовски", и е прв на оваа авторка од нејзиното деби во 1992, со „Тајната историја". Трнарка е вид птица, но и слика од средината на 17. век направена од учител на Вермер, Карл Фабрициус. Главниот лик, 13. годишниот Тео и неговата мајка ја разгледуваат токму оваа слика во музејот Метрополитен, пред да се случи терористички напад и мајка му на Тео да загине.

Наградата за нефикција отиде кај Дан Фагин за „Томс Ривер: приказна за науката и спасот", која е оценета како нов класик во оваа област. Се работи за градот Томс Ривер во Њу Џерси и загадувањето кое се случува таму од големите индустриски комплекси, особено од една хемиска фабрика, чиј отпад бил испуштан неконтролирано во океанот. Кога децата во градот почнале да заболуваат од рак со необично високи стапки, се поставило прашањето - чија е вината? Фагин, искусен новинар, кој со години се занимавал со еколошки прашања а сега предава новинарство на Универзитетот Њујорк, споил неколку приказни, започнувајќи со фабричкиот воздух, кој бил толку загаден што им ги кинел најлонските хулахопки на жените.

Пулицер за поезија му е доделен на поетот Виџај Сешарди, за неговата збирка „3 секции". Тој е петата личност со индиско потекло кој ја добива оваа престижна награда.

Пулицер за музика доби Џон Лутер Адамс за oркестарското дело „Стани океан" (Become Ocean), кое премиерно беше изведено со симфонискиот оркестар на Сиетл во јуни 2013. Се работи за композитор чија главна инспирација се природните пејсажи, а ова негово дело е посветено на пацифичкиот северо-запад. Тој истовремено е и еколошки активист, посветен на конзервацијата на Аљаска кадешто минал поголем дел од животот.

Целиот список на награди со финалистите тука

15 април 2014 - 08:21