Aрхитектура и здрав разум

Доделена наградата Прицкер за 2016

Еквивалентот на Нобел за архитекти оваа година го доби 48-годишниот Чилеанец Алехандро Аравена. Суштината на неговата работа не е само во објектите кои ги има дизајнирано, туку во пристапот кон луѓето кои треба да живеат и работат во нив.

Признаваме, секогаш кога читаме за престижна награда за архитектура снеможуваме од помислата какви сè нешта е можно да се направат од обичен бетон, тули и стакло, а какви гледаме во нашата околина.

„Колку е посложен проблемот, толку дизајнот треба да биде поедноставен", вели Аравена (кој патем личи на позгодна варијанта на Џармуш) во ова ТЕД видео, во која ја објаснува својата архитектонска филозофија, цртајќи на сцена на табла со креда.

Главното почнува некаде во 11 минута, каде тој го објаснува проектот за реконструирање на цел град во Чиле погоден од цунами во 2010, којшто тој и неговите соработници морале да го завршат за 100 дена. Откако почнале да заглибуваат во бирократско-административната кал (која постоела и без цунамито) одлучуваат во процесот да ја вклучат заедницата.

Видеото содржи тензични моменти на дискусии со жителите, од „Јас сум историјата на ова место, ти мене ќе ми кажеш како да живеам тука", до заедничко правење на макета на можното решение на проблемот на постојаното поплавување на градот.

„Главниот проблем на градскиот дизајн не се парите, туку координацијата", вели Аравена, кој на крај помеѓу морето и градот не изградил бетонска ограда туку - насадил дрвја, кои претставуваат природна, жива бариера која ја намалува силината на ударот на друга, исто така жива сила. Така природата „се пресметува" со самата себе, а не директно со човекот.

Втор негов значаен проект е изградба на живеалишта за 100 семејства во 30 години стар сиромашен кварт. Соочен со изборот дали да ја купи земјата ИЛИ да изгради куќи, тој го направил следново - го купил земјиштето и наместо целата квадратура ја оспособил за живеење половината, оставајќи втората половина да ја средат жителите.

„Одржливоста не е ништо друго туку ригорозна употреба на здрав разум", вели тој. Да, а?

Интервју со Аравена во ЛА Тајмс, за студирањето во време на Пиноче, зошто постмодернизмот никогаш не стигнал во Чиле и градењето куќи со само 7500 долари 

14 јануари 2016 - 10:18